Германските парламентарци ги изгласаа новите мерки, додека земјата бележи рекорден број заразени од почетокот на пандемијата.
Според нив, пристап до јавниот превоз или работното место би имале само оние кои се вакцинирани против ковид-19 или редовно тестирани. Невакцинираните исто така не би можеле да влегуваат во кафулиња, барови, теретани и фризерски салони, што веќе е на сила во некои региони.
Пратениците велат дека целта на овие мерки е да се натераат луѓето да се вакцинираат, но задолжителното вакцинирање не е предвидено. Во овој момент, 70% од германското население е целосно имунизирано, што е под просекот на Европската Унија.
Сепак, мерките не можат веднаш да стапат на сила. Тие прво треба да бидат усвоени во горниот дом на парламентот и некои конзервативни политичари се заканија дека ќе го блокираат законот.
Во изминатите 24 часа, во Германија се регистрирани 65.171 нов случај на коронавирус, со што за првпат е пробиена границата од 60.000.
„Се движиме кон сериозна вонредна состојба. Ќе имаме крајно непријатен Божиќ ако не реагираме сега“, изјави директорот на институтот „Роберт Кох“, Лотар Вилер.