Изградбата на современ ски центар на Јабланица за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко значи развој на туризмот, a за граѓанските активисти пак е спротивна на плановите за заштита неопходни за планината да биде прогласена за Национален парк. Мерко уверува дека дека ваквиот проект нема да ја уништи природата ниту ќе загадува, а ќе обезбеди вработување за над 2.000 туристички работници.
„Покрај летниот туризам треба да го развиваме и зимскиот бидејќи навистина имаме услови за тоа. Снег има од декември до мај што е долг период и ќе биде вистинска атракција за привлекување туристи“, вели Мерко.
Агенцијата за странски инвестиции и промоција неодамна го презентираше проектот за изградба на скијачки патеки на планината Јабланица со должина од 85 километри, 21 километар скијачки лифтови и два резервоари за производство на снег. Вкупната вредност на инвестицијата е околу 320 милиони евра.
Спорно за активистите е узурпацијата на просторот за изградба на 10 хотели кои се предвидени во проектот.
„Дефиницијата за таков простор е дека се забранети, недозволиви било какви градежни активности, урбанизација, злоупотреба или употреба на природни ресурси и други активности надвор од рекреативното и спортското еколошко користење на тој предел“, вели Никола Кукунешоски, граѓански активист.
Кукунешоски вели дека иако бројни ски центри се изградени во европските држави во заштитени подрачја во земјава најголема закана е узурпацијата на атрактивните локации.
„Нивната свест и нивните закони таму поинаку ги регулираат нештата во тие држави. Нас овде нѐ плаши токму безаконието и можноста да се спречи било каква узурпација или девастација на тој потег, затоа час поскоро ни е потребен тој статус на заштитено подрачје како Национален парк“, додава Кукунешоски.
Градоначалникот Мерко уверува дека нема да се градат нови сместувачки капацитети. Ќе се користеле постоечките од Струга и околината со што жителите би имале бенефит од бројните туристи.
„На тој дел има и доволен број на постоечки викендици кои исто така би се користеле за сместување“, додава Мерко.
Покрај изградбата на ски центарот Мерко најавува и други капитални инвестиции за развој на туризмот, како осовременување на руинираните кампови Треска и Ливадиште и изградба на слободна туристичка зона на 15 хектари со 3 хотели и над 100 куќички со што Струга, како што вели, ќе прерасне во најголем туристички центар на Балканот и пошироко.
Проект за изградба на скијачки центар со викенд населба и хотели кај месноста Јанков камен над Вевчани беше направен уште пред седум години, но до ден денес не е реализиран.
С. ВРЕНЦОВСКА