Испаѓањето на пари од оклопно возило предизвика луда мешаница и апсења на автопат во Калифорнија. Снимките на социјалните мрежи покажуваат долари како летаат наоколу, додека луѓето трчаат да ги соберат од патот.
Полицијата кажа дека луѓето излегувале од своите автомобили на автопатот во округот Сан Диего, со што го блокирале сообраќајот. Неколкумина биле уапсени, а на оние кои ставале пари во џебовите им било наредено да ги предадат.
Банкнотите од еден и 20 долари почнале да испаѓаат од торбите откако случајно се отвориле вратите на едно од оклопните возила.
„Од кој знае каква причина, парите испаѓаа од оклопно возило. Тие слободно летаа по автопатот и ги имаше насекаде“, изјави Џим Бетенкур од полицијата на калифорниските автопатишта, додавајќи дека на самото место се уапсени две лица.
Според него, секој што запрел за да собира пари би можел да се соочи со криминални обвиненија.
„Работиме со ФБИ на случајот. Ако сте земале пари, веднаш да ги вратите“, порача Бетенкур.