НИКОЈ НЕ НИ СЕ ЈАВУВА ОД АГЕНЦИЈАТА, ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ НИ КАЖУВААТ НИШТО, ВЕЛИ РОДНИНА НА ЕДЕН ОД ПАТНИЦИТЕ ВО АВТОБУСИТЕ НА „БЕСА ТРАНС“

    НИКОЈ НЕ НИ СЕ ЈАВУВА ОД АГЕНЦИЈАТА, ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ НИ КАЖУВААТ НИШТО, ВЕЛИ РОДНИНА НА ЕДЕН ОД ПАТНИЦИТЕ ВО АВТОБУСИТЕ НА „БЕСА ТРАНС“Апелирам до надлежните институции да споделат информација, како што споделија дека има повредени, вели роднина на еден од патниците на „Беса транс“. (Фото: К. Попов)

    Енес Бакиу (41) од Скопје, кој бил во еден од четирите автобуси на „Беса транс“, ниту се јавува, ниту пишува, вели неговиот братучед.

    „За несреќата видов сабајле во 6 часот на интернет. Братучед ми Енес Бакиу патуваше со оваа тура за Истанбул. Но тој ниту се јавува, ниту пишува на телефон. Апелирам до надлежните институции да споделат информација, како што споделија дека има повредени. Во ‘Беса транс’ вртиме нон стоп, но никој, ама никој не крева со часови. Тие дури ги однесоа луѓето на турата, непрекинато им се јавуваа, праќаа мејлови, пишуваа на интернет. Сега ги нема збор да кажат”, вели роднина на патникот Бакиу, кој изјава утринава даде пред седиштето на агенцијата во Старата скопска Чаршија.

    Тој одговори дека братучед му патувал сам.

    Автобуската несреќа со 45 загинати се случи ноќеска пред два часот на автопатот „Струма“, во близина на Перник. Македонските државјани биле на враќање од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.

    Малку по полноќ, автобусот, кој бил последен во колоната, запрел на бензинска пумпа кај Софија, по што го продолжил патот, за еден час подоцна да се случи несреќата. Локалните власти кои ја истражуваат несреќата велат дека најверојатната причина е човечка грешка или техничка неисправност. Тие засега не можат да потврдат дали автобусот прво удрил во оградата, па се запалил или претходно настанал пожар во него.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира