ИСТРАГАТА ЌЕ ЈА ВОДИ БУГАРСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, НИЕ ЈА ОБЕЗБЕДИВМЕ ДОКУМЕНТАЦИЈАТА ЗА АВТОБУСИТЕ, КАЖА ЈОВЕСКИ ЗА НЕСРЕЌАТА СО 45 ЗАГИНАТИ

    ИСТРАГАТА ЌЕ ЈА ВОДИ БУГАРСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, НИЕ ЈА ОБЕЗБЕДИВМЕ ДОКУМЕНТАЦИЈАТА ЗА АВТОБУСИТЕ, КАЖА ЈОВЕСКИ ЗА НЕСРЕЌАТА СО 45 ЗАГИНАТИОд бугарското обвинителство рекоа дека во моментов продолжува увидот и распитите и не можат да кажат дали е техничка неисправност на автобусот или човечка грешка. (Фото: ЕПА)

    Документите се обезбедени и ќе им ги предадеме на колегите од бугарското јавно обвинителство, но се работи за многу документи и ќе треба време да се проучат фактите, кажа Јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој се наоѓа на местото на автобуската несреќа со 45 загинати македонски државјани во Бугарија, близу Перник.

    Истрагата ќе ја спроведува бугарското обвинителство и нема да има паралелна истрага во Македонија. Македонското обвинителство ќе помогне со обезбедување на целокупната документација за сите автобуси од конвојот на „Беса транс“, кога се регистрирани и кога биле на технички преглед, како и со идентификација на жртвите.

    „Станува збор за голема трагедија, ако се има предвид дека загинаа 12 деца. Заедно со колегите од Бугарија се договоривме за понатамошна соработка за расчистување на сите нејаснотии околу оваа трагедија. Ние подолги години со бугарското обвинителство имаме професионална соработка и веруваме дека ова обвинителство професионално ќе ги разјасни сите околности околу овој настан. Ние ќе дадеме секаква помош во однос на обезбедување документација и идентификација на загинатите“, рече Јовески.

    Од бугарското обвинителство рекоа дека во моментов продолжува увидот и распитите и не можат да кажат дали е техничка неисправност на автобусот или човечка грешка. Од преживеаните патници кои се болница, од бугарското обвинителство рекоа дека засега само двајца можат да дадат исказ, а се испитуваат и очевидците.

    На местото на сообраќајката беше и обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска кажа дека таму бил и сопственикот на „Беса транс“ и таа разговарала со него.

    „Кратко разговарав со него. 20 години има транспортна фирма, досега немале никаков инцидент, според неговото кажување. Но, како што веќе кажаа колегите, ќе ја обезбедиме комплетната документација за сите автобуси, кога се регистрирани и кога биле на технички преглед и ќе им ги испратиме на бугарските колеги. Ние обвинителите повеќе веруваме на документи, отколку на искази“, изјави Русковска.

    Автобуската несреќа се случи ноќеска пред два часот на автопатот „Струма“, во близина на Перник. Македонските државјани биле на враќање од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.

    Малку по полноќ, автобусот, кој бил последен во колоната, запрел на бензинска пумпа кај Софија, по што го продолжил патот, за еден час подоцна да се случи несреќата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира