Автобусот што изгоре во Бугаријa, а во кои сообраќајка и пожар загинаа 45 лица, 7 се преживеани со скршеници и изгореници по телото и се во шок, без извод од лиценца, односно со извод од други автобуси на „Беса транс“, во 2020 година ја напуштил границата 22 пати. Vо 2021 година 113 пати.
Освен овие податоци, на попладневната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа и дека автобусот бил произведен 2007 година.
Тој кажа дека МВР на граничните премини проверува пасоши, лични карти и зелени картони, додека лиценците за меѓународен сообраќај и изводите од лиценци за секој автобус на автобуските превозници, ги проверува Царината на Северна Македонија. Таму треба да се бара одговорот – како е дозволено бескрајно пати да ја напушта границата тој автобус без потребните лиценци, односно со извод од лиценца даден на друг автобус и како никој од Царината не забележал, како и тоа дали има и други вакви случаи, рече Спасовски.
Прашан дали чувствува одговорност, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кажа дека Министерството само дава лиценци за меѓународен и домашен транспорт, на превозници кои ги исполнуваат условите. А дали некој потоа ги злоупотребува, не е надлежност на Министерството да ги контролира, туку на Царината.
Бочварски кажа дека возачот на автобусот на „Беса транс“ кој загина во нсереќата не бил вработен во компанијата и имал сертификат со важност до ноември 2023, а другиот возач не бил вработен во ниту една фирма и му бил истечен сертификатот во септември лани.
Спасовски кажа и дека „Беса транс“, имала автобус кој возел подолго време без лиценца и во внатрешниот сообраќај. Обвинителството отворило истрага, сопственикот на „Беса транс“ е достапен и по наредба на обвинител, одземена е документацијата за целокупното нејзино работење.
Автобусот првпат во Скопје е регистриран пред три години, а последен технички преглед е направен минатиот месец. Наодот на техничкиот преглед направен во Сарај е дека нема неисправност и нема забелешки.
Против „Беса транс“ имо вкупно осум кривични за непочитување на ковид протоколи, кажа Спасовски. Рече дека се формира посебна оперативна програма со вклученост на повеќе институции која ќе третира повеќе аспекти – од здравствени прегледи на возачи, па се до добивање на лиценци за превоз на патници и стоки.
Тој кажа дека истрагите треба да се остават да се водат во институциите, кои се единствени кои треба да ја најдат одговорноста на несреќите.
„Но, ако ваквите постапки заталкуваат и се развлекуваат по судските лавиринти, како што е случајот со ‘Ласкарци’ и тие немаат конкретна завршница, се дискредитираат напорите на институциите да се дојде до правдата и да се исправат работите“, критикуваше министерот за внатрешни работи.
С. К. ДЕЛЕВСКА