Луѓето веројатно ќе примаат годишни вакцини против ковид-19 уште многу години, изјави шефот на „Фајзер“, Алберт Бурла, додавајќи дека тоа ќе биде потребно за да се обезбеди многу високо ниво на заштита.
Бурла кажа дека неговата компанија развила модифицирани вакцини против сојот бета, првпат откриен во Јужна Африка и против индискиот сој делта, но немало потреба од нив. „Фајзер“ сега работи на вакцина која би била одговор на сојот омикрон, која би требала да биде подготвена за околу 100 дена.
„Вакцините помогнаа да се спасат милиони животи во пандемијата и без нив, основните структури на нашето општество би биле загрозени. Тие ѝ помогнаа и на глобалната економија да заштеди трилиони долари“, вели Бурла, кој е роден во Солун.
До крајот на годината, „Фајзер“ очекува да ја надмине бројката од три милијарди испорачани вакцини, а за 2022 се планирани четири милијарди. „Фајзер“ оваа година ќе заработи 35 милијарди долари од продажбата на вакцини.
„Во 2022, земјите ќе имаат онолку дози колку што им се потребни“, вели тој.
Компанијата развива и таблета против ковид-19 наречена „паксловид“, која покажала голема ефективност на тестирањата и се очекува да биде одобрена од владите на САД и Велика Британија.