Над 50 млади луѓе се вклучени во обуките на проектот „Зајакнување на луѓето до Пелагонија“ финансиран од Амбасадата на Холандија во земјава, промовиран денеска во Битола. Обуките не се преку стереотипни предавања, туку самите учесници кажуваат каков концеп за соработка треба да се изгради.
„Младите луѓе се иднината, тие се идните лидери, идните носители на одлуки, но многумина од нив чувствуваат дека нивниот глас не е слушнат. Со овој проект сакаме да им помогнеме на младите да го вратат нивниот глас за да допре до оние кои во моментот ги носат одлуките. Во таа смисла, се тренираат младите луѓе и Општините како да работат заедно со цел да имплементираат проекти од заедничко значење“, рече в. д. амбасадорот Роберт Декер на промоцијата.
Емилиа Ѓероска, претседателка на организацијата „Про локал“ кажа дека ќе корисат искуства од ЕУ како младите таму го артикулираат својот глас низ формалниот процес.
„Од една страна, кај нас, младите се чувствуваат запоставени и се пасивни во однесувањето кон јавните политики и генерално кон локалната самоуправа, но од друга страна и општините имаат проблем со изноѓање на одржливи механизми да ги вклучат. Законот за локална сампоуправа ги дава тие формални процедури, за жал, многу слабо се користат. Изнаоѓаме начини како младите да бидат вклучени по сопствена иницијатива, но и мотивирани на локалната самопуправа“, рече Ѓероска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА