Лидерот на белоруската опозиција Сергеј Тихановски, кој предводеше масовни протести против претседателот Лукашенко, е осуден на 18 години затвор. Тој планираше да го предизвика Лукашенко на ланските избори, но претходно беше приведен, по што кандидат на опозицијата беше неговата сопруга Светлана Тихановскаја.
Таа прогласи победа на изборите во август 2020, но поради грижите за својата безбедност, следниот ден избега во странство со децата.
„Ќе продолжам да го бранам човекот што го сакам и кој стана лидер на милиони Белоруси“, изјави Тихановскаја.
Покрај Тихановски, на затворски казни од 14 до 16 години се осудени уште петмина опозиционери, објавија државните медиуми. Тие, меѓу другото, беа обвинети за организирање нереди.
Масовните протести што избија по ланските избори беа најголемиот предизвик за Лукашенко во неговото речиси тридецениско владеење.