Нема потреба од нови рестриктивни мерки, потребно е само почитување на веќе постоечките протоколи, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче при посетата на Болницата „Св. Еразмо“ во Охрид. Според Филипче, стабилна е епидемиолошката состојба со ковид-19, со оглед на тоа дека се испразнети болничките капацитети, но и дека нема потреба од мерки како на пример зголемување на капацитетите во хотелите во пресрет на новогодишните празници.
Во земјава има 5.451 активен случај на ковид-19. Според последните информации од Министерството за здравство, заклучно со 14 декември вкупно се вакцинирани 838.987 граѓани, ревакцинирани се 810.990, а трета доза примиле 86.266 граѓани. Вкупно аплицирани се 1.736.243 дози вакцини.
Опфатот со вакцинација со две дози на полнолетната популација е 48%, а 57% од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани. 22% од вакцинираните граѓани постари од 60 години примиле трета доза вакцина. Опфатот со една доза вакцина на полнолетната популација е 50%.
С. ВРЕНЦОВСКА