Одлуката на Апелациониот суд во Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите, соопшти на Фејсбук министерот за правда Бојан Маричиќ, откако денеска Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на поранешниот директор на УБК и одлучи да го пушти од притвор од затворот во Шутка. Маричиќ потсетува дека дека „Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност“ и апелира Судскиот совет да ја преиспита одлуката.
Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да ѝ објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по кој основ судиите ја донеле оваа одлука“, вели Маричиќ.
Апелација го преиначила решението за притвор од Основниот кривичен суд и го пуштила Мијалков да се брани од слобода, прифаќајќи му ја гаранцијата од 11.106.501 евро, во недвижен и во движен имот. Одредени му се мерки на претпазливост – одземен му е пасошот, плус стандардната обврска да се јавува во Основниот кривичен суд.
Мијалков беше притворен во предметот „Трезор“, каде што е првостепено осуден на 8 години затвор. Против него се води истрага за предметот „Империја“, обвинет е во „Плацеви на Водно“, а првостепено осуден е за незаконското масовно прислушување во „Тврдина-Таргет“ на 12 години затвор.