Наместо по швајцарско време, „кинескиот“ воз од Скопје за Битола стигна по македонско. Возот кој требаше да биде утрински стана вечерен откако патниците наместо три часа патуваа три пати повеќе. Тие раскажуваат дека на возот му требале цели осум саати за да извози околу 200 километри, а потоа продолжиле да патуваат со комбе. Велат патувањето било тргни –застани, прво чекале друг воз да биде тргнат од пругата, а потоа да се санира пукната шина.
„Со теретниот да тргневме, побрзо ќе стигневме. Но, не ни беше до шега, на сред зима да чекаме со часови за да поминeме околу двесте километри. Прво чекавме да отстранат товарен воз поради технички причини останат на отворена пруга кај Зелениково. Таман тргнавме, во големиот тунел кај Богомила имало пукната шина која мораше да се санира и тука чекавме со саати“, раскажуваат патници.
Возот не успеал ни да стигне таму каде што тргнал. Допатувал само до Прилеп. Оттаму, по наредба на Службата за транспорт, патниците биле префрлени во комбе и испратени за Битола.
„Како да бевме дел од книгата ‘Возот в снег’. Таму патниците со раце чистеа снег, е сега недостигаше ние да ги поправаме шините. Кај нас и кинеските возови возат по македонско време, односно доцнат. Од Скопје тргнавме во 7 часот, а Битола, требаше да сме во 10.20. Но, во Прилеп стигнавме во 15 часот, а потоа уште еден саат до Битола – девет саати вкупно“, се жалат патници.
Не успеавме да добиеме одговор од Железничката станица во Битола зошто не стигна утринскиот воз за Битола. На телефонскиот број кој го има на интернет страниците, па дури е заведен и на официјалната страница на Општина Битола за поважните институции во градот, секретарка вели „телефонскиот број не постои“. Попладнево никој не одговараше ни на телефонскиот број за информации од јавен карактер во Македонски железници.
Вработени во Македонски железници кои не се задолжени да даваат официјални информации, неофицијално потврдуваат возот патувал 8 часа поради технички проблеми. Велат немало дефект со возот, туку имало други проблеми меѓу кои и пукната шината кај Богомила. Објаснуваат дека ретко пука шина, а ова се случило поради нагла промена на времето и струењето на воздухот во тунелот.
Кинеските возови набавени во 2016 година, за време на владата на Никола Груевски, требаше да донесат преродба во железничкиот сообраќај. На прес-конференција во Битола кога пристигна првиот ваков воз беше соопштено дека битолчани за Скопје ќе патуваат за половина час пократко, поточно наместо за 3.15 ќе стигнуваат за 2.45 часа. Шест години подоцна, и кинеските возови доцнат како и другите.
Во 80-тите години од минатиот век во Македонија немаше возови со кинески мотори. Но, тогашниот „Пелагонија експрес“ од Скопје за Битола возеше за два и пол часа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА