Реката Драгор која минува низ Битола е сосема мртва, без никаков жив свет. Во неа се влева отпадната канализациона и индустриска вода од градот, без никаков претходен третман на прочистување. Загаденоста на реката на излезот од градот достигнува до четврта и петта класа, што важи за најсилно загадена вода.
Овие загрижувачки податоци се објавени во Локалниот еколошки акционен план, кој Општина Битола треба да го донесе на денешната седница на Советот заради констатација на загадувањето на животната средина и преземање на соодветни мерки.
„Досегашните испитувања покажале дека количината на канализациона вода во Драгор е два пати поголема од количината на чиста водa. Таа е претворена во отворен канал во кој се влеваат комунални отпадни води, вклучително и физиолошкиот отпад (фекалии и урина), отпадни води со остатоци од домаќинствата и од инустриските капацитети“, пишува во Акциониот план.
Покриеноста на Општина Битола со канализациона мрежа е 84 проценти, а не постои прочистителна станица. Отпадните води од главните колекори се испуштаат во Драгор на осум места во градот и на две во Долно Оризари и Кукречани. Има села близу Битола, како Буково, Карамани, Лавци, Брусник, кои не се поврзани на канализационата мрежа. На овие места се користат септички јами или пак отпадните води директно се испуштаат во најблискиот извор на вода. И отпадните води од индустриските обејкти без третман завршуваат во реката Драгор.
Според анализите на Заводот за здравствена заштита, утврдено е дека квалитетот на водата е од втора класа на влезот и од петта класа на излезот од градот.
Како главен загадувач на водата во Драгор се посочува живинарска фарма која неконтролирано испушта неброени количини фекалии од процесот на производство. Загадувачи се и селските населби, кои своето ѓубре го фрлаат во речното корито. Понатму, во извештајот се посочува дека затворот неконтролирано испушта фекалии во реката. Загадувачи се и текстилните и други фабрики.
Реката Драгор понатаму се влева во река Црна, а таа во Тиквешкото Езеро и така се пренесува загадувањето.
Како мерки за да се заштити реката Драгор од понатамошно загадување се посочува изградба на колекторски систем и пречистителна станица, кои ќе го решат проблемот со неконтролираното испуштање отпадни води во водотеците и загадување на животната средина.
Ж. ЗДРАВКОВСКА