Ноќеска на Коледе, во Велес е измерена највисоката вредност на загадување во градот со ПМ10 честички последните 30 дена, покажуваат резултатите од мерните инструменти на Министерството за животна средина. Вчера, во ноќта кога велешани масовно ги палеа коледарските огнови, биле измерени 133 мг на метар кубен ПМ10 честички. На полноќ Велес беше најзагаден град во земјава со часовна вредност од 500 мг на метар кубен.
Попуста беше вчерашната реакција од локалната власт граѓаните да се однесуваат одговорно при палењето на коледарскиот оган.
„Апелираме до граѓаните, коледарските огнови кои се децениска традиција оваа година да се палат во контролирана форма за да не придонесат кон дополнително нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух и да се намали ризикот за појава на пожар. Да ја одбележиме вековната традиција, но постојано да имаме предвид дека воздухот е загаден во овој период и дека треба да се однесуваме како одговорни граѓани кон околината во која живееме“, соопшти Општина Велес.
Оваа зима, според мерните инструменти на Министерството за животна средина, во Велес немало повеќе врзани денови со високи вредности на ПМ10 честички. Прагот на информирање е ако има пет последователни денови со повисоки вредности од граничните 50 мг на метар кубен, а алармантно е ако 10 последователни денови има загадување од 100 мг на меар кубен.
П. ПЕЧКОВ