13-ГОДИШНИОТ АНДИ ИСМАИЛИ Е ДВОКРАТЕН СВЕТСКИ ПРВАК ВО МОДЕРЕН ТАНЦ, ЌЕ ИГРА И НА СЦЕНАТА ВО НОБ

    13-ГОДИШНИОТ АНДИ ИСМАИЛИ Е ДВОКРАТЕН СВЕТСКИ ПРВАК ВО МОДЕРЕН ТАНЦ, ЌЕ ИГРА И НА СЦЕНАТА ВО НОБГостиварецот Анди Исмаили и министерката за култура Ирена Стефоска. (Фото: Министерство за култура)

    Иако има само 13 години, гостиварец Анди Исмаили веќе е двократен светски првак во современ танц. Првиот златен медал го освои во 2019 година. Минатата година поради пандемијата не се одржале натпреварите, а годинава на натпреварот во модерен танц во Полска повторно освои златен медал во јуниорска конкуренција.

    Неговите движења на танцовиот подиум, леснотијата со која ги изведува и најсложените танцови фигури зборуваат дека Анди е вонсериски талент. Иако е многу млад, свесен е дека успехот доаѓа само со голема упорност и многу напорно вежбање.

    „Многу е убаво да имаш две титули имајќи го предвид сите жртви кои ги правев. Подготовките за ова Светско првенство започнаа пред два месеца. На натпреварот во Полска бев 5 дена и таму настапив со кореографијата на Јан Дамник, која ја подготвивме со моите тренери Вулнет Незири и Сарита Селмани. Чувството беше прекрасно. Ова за мене претставува нешто што многу сакам да го правам. Со модерниот танц се занимавам од декември 2017. Редовно вежбам и тоа се жртвите што ги правам. Мојот омилен стил е џез и модерен балет. Многу сакам да танцувам на песните на Били Ајлиш“, вели Исмаили.

    Анди е вонсериски талент, но неговите успеси се резултат на неговата упорна работа, велате тренерите. (Фото: Принтскрин од видео)

    Започнал да се занимава со балет пред 4 години. Вредно тренира, а кога се подготвува за некој натпревар тренинзите се секојдневни под будното око на неговите тренери од студиото за модерен танц „Ајденс“ Сарита Селмани и Вулнет Незири. Тие велат дека Анди е вонсериски талент, но дека неговите успеси се резултат на неговата упорна работа.

    „Кога дојде кај нас во танцовото студио увидовме дека станува збор за еден вонсериски талент и тој тоа го покажува со секој негов настап. Но, не се работи тука само за талент, Анди упорно и непрекинато работи и се надградува, што е добро за него. Го сака модерниот танц, но се обидува и во други стилови“, вели Сарита Селмани.

    „Анди е извонредно дете со голем талент, но јас не верувам во талент, јас верувам во работа, а Анди работи многу“, потврдува Вулнет Незири.

    Министерката за култура Ирена Стефоска, на новогодишната средба со Анди кажа дека се надева оти оваа сезона тој ќе танцува и на сцената на Националната опера и балет (НОБ).

    „Заедно со директорката на Балетот при НОБ Олга Панго, зборувавме за начините на поддршка што во иднина, на наше големо задоволство, може да му се пружат на овој несекојдневен талент. Детето што ‘лета’ додека танцува, препознаено од врвни светски кореографи го прослави гостиварското студио ‘Ајденс’, но и целата држава. Анди ја има нашата поддршка во натамошните големи успеси во школувањето, и во професионалната кариера, а се надеваме дека оваа сезона ќе го видиме и на сцената на НОБ“, соопшти Стефоска на својот фејсбук профил.

    Најголемата поддршка на Анди му се родителите, бидејќи помош од институциите досега не добиле и тие воопшто не биле заинтересирани да поддржат еден ваков вонсериски талент. Сите трошоци за досегашни настапи и патувања во странство и учество на меѓународни натпревари паѓале на товар на неговите родители.

    Анди е решен да продолжи и понатаму да жнее успеси, всушност таква е и неговата новогодишна желба.

    „Да продолжам со успех како и досега“, вели Анди.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира