Единствено Владата има ингеренции да донесе мерки за спас од енергетската криза, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Град Скопје, откако вчера Владата ги повика Градот и Општините да обезбедат парно за скопјани.
САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска за тоа што ќе преземе Градот за жителите на Скопје кои се жалат дека немаат парно, и како ќе постапи по барањата од Владата да преземе мерки. Од таму ни одговорија дека Владата во 2018 година најави оти со владина одлука на ЈП „Градски енергетски системи“ ќе му биде доделен топлификацискиот систем, по што Регулаторната комисијата за енергетика (РКЕ) го одбила барањето за лиценца за вршење дистрибуција на топлинска енергија.
„Истото до денес не е реализирано и единствени ингеренции за носење мерки за спас од енергетската криза во овој момент може да донесе Владата. Ја повикуваме истото да го стори, исто како што тоа го направија останатите земји низ Европа со цел заштита на граѓаните и стопанството од ценовен шок и со цел спречување на продлабочување на економската криза“, велат од Град Скопје.
Од Владата вчера ги повикаа надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на жителите на Скопје, откако граѓани на Центар, Скопје Север и Топанско Поле, во медиуми и на социјалните мрежи се пожалија дека деновиве се без парно или греењето е многу слабо. Владата вели дека ги помага и граѓаните и Општините и Градот Скопје, но кога се во прашање финансиски обврски кон давателите на јавни услуги, први повикани се надлежните локални власти.
Регулаторната комисија за енергетика, минатата недела одлучи цената парното греење во Скопје од овој месец да се зголеми за 14 отсто.
- ВЛАДАТА ГИ ПОВИКА КОМПАНИИТЕ, ГРАД СКОПЈЕ И ОПШТИНИТЕ ДА ОБЕЗБЕДАТ ПАРНО ЗА СКОПЈАНИ
- РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ГИ ПОВИКА СКОПЈАНИ ДА СЕ ЖАЛАТ ПРОТИВ КОМПАНИИТЕ ЗА ПАРНО АКО НЕМААТ ГРЕЕЊЕ
А. АНТЕВСКА