Норвешкиот масовен убиец Андерс Брејвик утре ќе се појави во суд по десет години зад решетки и тврдејќи дека веќе не претставува опасност за општеството, ќе се обиде да добие предвремено ослободување од 21-годишната затворска казна.
Крајнодесничарскиот терорист не покажал каење откако уби 77 луѓе во масакрот во 2011 и семејствата на жртвите стравуваат дека тој ќе го искористи сослушувањето за повторно да ги искаже своите екстремни ставови. Експертите веруваат дека се мали шансите Брејвик да биде пуштен од затвор.
„Можам да кажам дека не сум забележала никакви промени во функционирањето на Брејвик. За да добие некој условно ослободување, мора да покаже каење и дека разбира зошто такви дејства веќе не смеат да се повторат“, изјави Ранди Росенквист, психијатарката која го следи Брејвик од неговото затворање во 2012.
На сослушувањето, таа ќе го поднесе психијатрискиот извештај, кој вообичаено е клучен ако криминалците сакаат да покажат дека веќе не се опасни.
„Тоа веројатно нема да се случи. Мислам дека е доста очигледно дека постои голем ризик од нови злосторства ако биде пуштен“, изјави Берит Јонсен, професор на Универзитетскиот колеџ во Осло.
Сослушувањето ќе трае три дена, а одлуката ќе биде соопштена за неколку недели.
Брејвик беше осуден на 21 година затвор во 2012, со клаузула дека може да остане затворен на неодредено време, што многу ретко се користи во норвешкиот правосуден систем. Во затворот, тој има три ќелии на располагање опремени со видеоигри, телевизор, ДВД-плеер, весници и справи за вежбање. Во затворот полагал средношколски испити и сега учи на универзитетско ниво.