Битола е на прво место во земјава со највисока инциденца на ковид-19 сметано на 100.000 жители во изминатите две недели, поточно од 3 до 16 јануари, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Инциденца е број на потврдени позитивни случаи на одреден број на население во една општина. Инциденцата во Битола е 1.760 позитивни на сто илјади жители. Дури и главниот град Скопје е после Битола со 1.697 позитивни на 100.000 жители.
По овие два града кои важат меѓу најголемите во земјава следува многу помала општина, Крушево, која пак, анализирано на неделно ниво од сите градови во внатрешноста има највисока инциденца. Кумулативната состојба од почетокот на пандемиијата до денес на прво место со најголема инциденца го става Кавадарци, па Скопје, Гевгелија, Неготино.
Битола има и најголем број активни случаи од сите градови во внатрешноста, над 1.600. Куманово е на врвот на табелата, со исклучок на Скопје, по вкупен број на заразени од појавата на пандемијата, каде и бројот на умрени е најголем, 554.
Во земјава, според вчерашната статистика на ИЈЗ, активни се 18.498 болни од ковид. Вчера беа регистрирани уште уште 2.051 заразени од 6.353 тестови од кои 276 се реинфекции.
Ж. ЗДРАВКОВСКА