Тинејџерката Зара Радерфорд стана најмладата жена која сама го прелетала светот. Деветнаесетгодишната Радерфорд, која има британско и белгиско државјанство, денеска слета на аеродромот во белгискиот град Кортрајк, откако собори два Гинисови рекорда на патувањето долго над 52.000 километри, на кое помина преку 41 држава.
„Успеав“, кажа Радерфорд по слетувањето.
Таа го собори рекордот на Американката Шеста Вајц, која ваков подвиг изведе на 30 години во 2017.
Радерфорд тргна со своето ултралесно летало „Шарк“ на 18 август 2021, верувајќи дека за пат околу светот ќе ѝ требаат три месеци. Поради проблеми со визата и времето, на Аљаска и во Русија мораше да паузира по еден месец, поместувајќи ги своите планови за осум недели.
„Дефинитивно најтешкиот дел од патот беше над Сибир, каде што беше екстремно студено. Доколку ми откажеше моторот, со часови би чекала помош и не знам дали би преживеала“, изјави таа.
Во Калифорнија имаше принудно слетување поради лошата видливост како резултат на пожари, а потоа не ѝ беше дозволено да лета над Кина.