Фирмата „Буши фешн“ ја купи зградата на „Технометал Вардар“ на улица Македонија, во строгиот центар на градот. Како што неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, идејата на новиот сопственик е зградата да биде хотел и во моментов се работи на добивање на потребните дозволи. Од фирмата „Буши фешн“ ни потврдија дека ја купиле зградата, но повеќе детали не сакаат да споделат велејќи дека уште е рано да зборуваат за овој проект.
„Буши фешн“ поседува дуќани за злато, како и хотелот „Буши ресорт и спа“ во Старата скопска чаршија.
Зградата на „Технометал Вардар“ е изградена во 1980 година и е со површина од 8.000 метри квадратни. Беше ставена на продажба откако во 2019 беше отворена стечајна постапка. Поради обврски кон Комерцијална банка објектот беше одземен од банката, а потоа ставен на продажба, по што зградата беше купена од „Буши фешн“.
„Технометал Вардар“ беше основана пред 60 години и во времето на поранешна Југославија беше водечка фирма во трговија со мермер, челик, обоени матели и немметали, опрема, машини и друго.
Сега зградата и просторот околу неа се целосно запуштени. Плочникот воопшто не се гледа од измет, околу е обрасната трева, расфрлено е ѓубре, фонтаната служи како корпа за отпадоци, а навечер нема ни светло.
А. АНТЕВСКА