По статијата за бројни сведочења на незадоволни луѓе кои се соочиле со неправда и корупција во Граѓанскиот суд Скопје или во граѓанските одделенија во останатите судови во Македонија, САКАМДАКАЖАМ.МК на барање на Судскиот совет ги препрати сите случаи со раскажаните вакви искуства, кои беа испратени до редакцијата.
„Поплаките на граѓаните кои се доставени во Судскиот совет се поделени на членовите според тоа кој член од советот е координатор на судот на кој се однесуваат поплаките. Напоменуваме дека членовите може да ги земат предвид поплаките во процесот на следење на работата на судиите и судовите, но не и да постапуваат по нив. За да можат поплаките на граѓаните да се стават на седница на Судскиот совет и при тоа да се изгради официјален став за одреден случај неопходно е да се поднесат претставки или барања за утврдување одговорност на судија“, вели Судскиот совет, напоменувајќи дека граѓаните не треба да чекаат и сомневањата за корупција и за нестручно водење на постапките треба конкретно да ги пријават таму, и да не чекаат.
Сите овие воочени аномалии во граѓанските парници имаат рок на застареност и тие треба да се пријавуваат веднаш, со претставки или директно со поткрепени барања за разрешување на (граѓански)судија.
Во тимското истражување, граѓани отворено кажуваа за нелогично развлекување на судските постапки со години, упорно недобивање на судски покани за да не отидат на рочиште и правдата да ја добие спротивната страна. Потоа раскажуваа како по сообраќајка одредени адвокати, едни цело време исти, автоматски им ги наоѓаат телефонските броеви, дознаваат дека се повредени и уште во болница им се јавуваат да ги застапуваат. Имаше и пример каде граѓански судија откако толку многу ја развлекол постапката, на странка ѝ побарал пари гестикулирајќи, шушкајќи со прстите пред сите во судницата.
Судскиот совет по статијата за пријавените сомневања за корупција на судии ги повикува граѓаните таму да ги пријават сите повреди на законот што ги доживеале или забележале, и да имаат доверба во неговото постапување.
Но, Судскиот совет укажува на тоа граѓаните кои се странки во постапките, ако забележале повреда на законот или на своите права од страна на судиите или претседателите на судовите, тоа да го направат во рок од шест месеци.
Лани огромен дел од претставките од граѓани против судиите биле отфрлени поради проток на рокот од 6 месеци во кој се обврзани да се обратат до Советот. Но, на прсти се бројат луѓето кои знаат кога треба да поднесат Барање за утврдување одговорност на судија.
Додека, за претставките и поплаките од граѓани, рок за поднесување нема.
Државата сака да го исчисти судството од нестручни и несовесни судии, да направи реформа на судството, а тој „пропишан рок“, кого човек што не е правник, не може никаде да го најде и да го прочита. Поради тоа неинформирање на граѓаните, половина од претставките против судии завршуваат во канта за отпадоци.
Рокот од 6 месеци се однесува на претставки за поведување постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, додека за останатите претставки и поплаки нема рок. Ако граѓанин поднесе добро аргументирана претставка за својот случај, може потоа член на Судскиот совет да поднесе барање за одговорност на судија, и да е истечен рокот.
Член 61 од Законот за Судски совет вели: Постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд се поведува во рок од шест месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подоцна од три години од денот на сторувањето на повредата.
Ретко кој од граѓаните со негативни примери во судските постапки, кажа дека поднел претставка до Судскиот совет, зашто велат, немаат доверба дека тој ќе преземе нешто во корист на граѓаните, на правдата.
Статистиката на постапување по претставки и барања од граѓани против судии, во 2021 година е сменета.
Лани од поднесени 45 барања, разрешени се 6 судии. Додека, претставки и поплаки од граѓани досега имаше околу петстотини.
Најголем број претставки против судии, 98, во 2020 година биле поднесени против судии од Основниот граѓански суд Скопје, од граѓани, фирми и од државни институции. Третиве, од кај нив ги препратиле до Судскиот совет. Токму затоа истражувањето тимот на САКАМДАКАЖАМ.МК го насочи кон граѓанскиот суд и кон граѓанските одделенија во сите судови во Македонија.
На второто место е Апелациониот суд Скопје, со 94 претставки против судии. По овие два рекордера, следува Основниот кривичен суд Скопје, каде што е и Одделот за организиран криминал и корупција, со 57 поднесени претставки за работата на судиите лани.
Треба да се напомене и дека овие три суда се со најголем број предмети, но и со најголем број судии, стручни соработници и администрација. Овие податоци се содржани во последниот Извештај на Судскиот совет, кој е за неговата работа за 2020 година.
Врховниот суд не е голем суд и со голем број предмети, па сепак лани во Судскиот совет биле адресирани дури 44 претставки против врховни судии.
Се чека најновиот извештај на Судскиот совет, каде ќе бидат сумирани претставките и барањата за разрешување за 2021 година, од кој ќе се види дали барем граѓаните почнуваат да ги средуваат колку-толку работите во судството, ако не може државата.
С. К. ДЕЛЕВСКА