СЕКОЈ ЌЕ ИМА ПРИСТАП САМО ДО СВОЕТО РЕШЕНИЕ ЗА КОВИД ИЗОЛАЦИЈА НА ВЕБ ПЛАТФОРМА, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    СЕКОЈ ЌЕ ИМА ПРИСТАП САМО ДО СВОЕТО РЕШЕНИЕ ЗА КОВИД ИЗОЛАЦИЈА НА ВЕБ ПЛАТФОРМА, ВЕЛИ ВЛАДАТАВладата вчера одлучи решенијата да се објавуваат на веб страната на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и во Службен весник. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Секој кој има потреба да дојде до сопственото решение за изолација поради тоа што е позитивен на ковид-19 или имал контакт со позитивен, ќе има пристап преку веб-страница единствено до своето решение за изолација без да има увид во податоците на другите граѓани на кои им е издадено такво решение, соопшти Владата детали за новиот модел на врачување на решенијата. Владата вчера одлучи решенијата да се објавуваат на веб страната на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и во Службен весник. Според одлуката, податоците ќе бидат објавени во најбрз можен рок, при што нема да бидат објавувани лични податоци на граѓаните, односно целосно ќе бидат запазени стандардите дефинирани со Законот за заштита на личните податоци.

    ДСЗИ, чиј сајт не е обновен 5 месеци, во консултација со Министерството за здравство, со Агенцијата за заштита на личните податоци и со Владата, го изготвува дигиталниот модел за испорака на информациите и решенијата за изолација. За постапката за пристап до решенијата која ќе се одвива преку веб-платформа граѓаните ќе бидат навремено информирани во рокот утврден за примена на новиот начин на испорака на решенијата за изолација до граѓаните, велат од Владата. Но Владата не кажа од кога ќе почне примената на новиот модел.

    На нашето прашање кога ќе започне објавата на решенијата за изолација на веб страницата, директорката на Инспекторатот, Иринка Сотирова -Бухова, денеска ни одговори дека чекаат по службен пат да го добијат записникот од вчерашната седница на Влада кога беше донесен заклучок за промена на доставата на решенијата за изолација.

    „Државниот санитарен и здравствен инспекторат треба да го добие по службен пат записникот од седницата на Влада (потребен е број на одлуката) и потоа ќе почне електронската достава на решенијата. Граѓаните ќе бидат навреме информирани“, одговори Сотирова-Бухова.

    Решенијата за изолација досега лицата ги добиваа на вибер испратени од ДСЗИ, најчесто два или три дена по позитивниот наод. Но, за време на последниот бран со омикрон, голем број граѓани се пожалија дека им поминаа деновите за изолација по добиениот позитивен тест, а сè уште не добиле решнија. Од Владата вчера соопштија дека новиот начин за достава на решенија се применува заради брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување.

    Сотирова-Бухова нагласува дека на дневна основа има повеќе стотици решенија за изолација, па одлучиле да ги искористат одредбите од Законот за општа управна постапка кои дозволуваат скратена и поефикасна постапка на достава, а со тоа вели дека и граѓаните ќе бидат навремено информирани, а и ќе се заштедат време и огромни ресурси.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира