Светската здравствена организација соопшти дека Европа наскоро би можела да влезе во долг период на затишје во пандемијата на ковид-19. Директорот на европскиот оддел на СЗО, Ханс Клуге, го аргументираше ова со високата стапка на вакцинација, крајот на зимата и со поблагата природа на сојот омикрон.
„Овој период на повисока заштита може да се смета како затишје што би можело да доведе до долготраен мир“, кажа Клуге.
Голем број европски држави почнаа да ги укинуваат или олеснуваат коронамерките, иако дневните бројки на новозаразени сè уште се доста високи. Данските власти заклучија дека вирусот веќе не претставува критична закана, а нивниот потег ќе го следат и Норвешка и Шведска.
„Пандемијата не е завршена, но влегуваме во сосема нова фаза“, изјави шведската премиерка Магдалена Андерсон.
Клуге ги повика европските земји да продолжат со вакцинирањето и да ја следат евентуалната појава на нови соеви.
„Убеден сум дека континентот ќе биде во подобра позиција дури и во случај на попреносливи варијанти. Верувам дека на нив може да се одговори без повторно воведување ограничувачки мерки што ни беа потребни порано“, рече Клуге.
Минатата недела, во Европа се регистрирани рекордни 12 милиони нови случаи на зараза, но официјални лица велат дека тоа не довело до значителен пораст на бројот на хоспитализации.