ДОДЕКА Е НА ОЛИМПИЈАДА, ТРЕНЕРОТ ПО СКИЈАЊЕ ЌЕ ГО ИЗБРКААТ ОД РАБОТА ВО СКИЈАЧКАТА ФЕДЕРАЦИЈА ЗАШТО ТРИ ДЕНА НЕ ОПРАВДАЛ ОТСУСТВО

    ДОДЕКА Е НА ОЛИМПИЈАДА, ТРЕНЕРОТ ПО СКИЈАЊЕ ЌЕ ГО ИЗБРКААТ ОД РАБОТА ВО СКИЈАЧКАТА ФЕДЕРАЦИЈА ЗАШТО ТРИ ДЕНА НЕ ОПРАВДАЛ ОТСУСТВОАнтонио Ристевски вели дека целта на Скијачката федерација е да го отстранат од спортот (Фото: МОК)

    Антонио Ристевски, кој како тренер на македонскиот скијач Дердан Дехари се наоѓа на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, вели дека добил закана за отказ од Скијачката федерација на Македонија зашто веќе десетина дена не дошол на работа. Тој преку Фејсбук се обрати до јавноста, тврдејќи дека целта на Скијачката федерација е да го отстранат од спортот.

    „Почитуван господин Ристевски! Во периодот од 31 јануари 2022 до денес се немате јавено на работа. Ве молиме писмено да нè известите за причините за вашето отсуство до петок, 11 февруари 2022“, стои во мејлот што Ристевски синоќа го примил од претседателот на Федерацијата Огњан Циговски, а го сподели на Фејсбук.

    Ристевски му порача на Циговски дека можат да го избркаат од работа, но никогаш нема да му ја одземат спортската душа.

    „Јас како најдобриот македонски алпски скијач и олимпиец на сите времиња, со кариера од повеќе од 20 години, доживеав да се правдам за тоа што сум тренер на најдобрите македонски алпски скијачи, кои оваа сезона покажаа одлични резултати поради кои заедно допатувавме во Пекинг. Замислете, целата јавност знае дека сме на ЗОИ, само г-дин Огњан Циговски не знае! Огорчен сум, 11 месеци трпам тортура, а надлежните државни институции се неми за нечие самовластие“, напиша Ристевски на Фејсбук и додаде:

    „Целата оваа фарса против мене, мојот клуб и мојата должност како главен тренер на алпските репрезентации во Скијачката федерација е јасна: сакаат да ме отстранат од спортот. Едноставно, мојот спортски габарит е преголем за нечија неспособност и малодушност. Јас бев и сум на ЗОИ во Пекинг заедно со Дардан, каде што гордо и достоинствено ја претставуваме нашата држава“.

    Дардан Дехари, сепак, нема да настапи на ЗОИ во Пекинг, откако на тренинг тешко го повредил коленото и мора да оди на операција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира