ТЕОНА МИТЕВСКА НА МАРКЕТОТ НА БЕРЛИНАЛЕ ГО ПРЕТСТАВИ „МАЈКА“ ИНСПИРИРАН ОД МАЈКА ТЕРЕЗА

    ТЕОНА МИТЕВСКА НА МАРКЕТОТ НА БЕРЛИНАЛЕ ГО ПРЕТСТАВИ „МАЈКА“ ИНСПИРИРАН ОД МАЈКА ТЕРЕЗАМитевска беше во конкуренција за Златна мечка на Берлинале 2019 со со „Господ постои, името ѝ е Петрунија“. (Фото: Берлинале)

    Режисерката Теона Стругар Митевска на Копродукцискиот маркет на Берлинале го претстави новиот филмски проект „Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза. Во разговорот на филмското списание „Скрин дејли“, Митевска вели дека нејзиниот седми проект е приказна за вистинската личност зад митот за Мајка Тереза, „не е биографски филм“, туку е „приказна што прикажува пет дена од животот на една 44-годишна амбициозна жена, токму во моментот кога треба да замине од манастирот ‘Света Марија’ и да создаде свој религиозен ред“.

    „Сакаме да направиме филм за вистинската личност, жената која стои зад митот“, вели Митевска.

    „Мајка“ е меѓу 34-те избрани долгометражни филмски проекти од 32 земји што ќе се претстават на еден од најголемите филмски маркети, на Берлинале, за да бара финансииери. Маркетот и годинава се одвива само онлајн поради пандемијата.

    „Мајка“ е по сценарио на писателот Гоце Смилевски, босанската сценаристка Елма Татарагиќ и Митевска. Ова е четврта заедничка соработка меѓу Татарагиќ и Митевска. На маркетот на Берлинале филмот е најавен како проект со финансиска структура меѓу Македонија и Белгија. Сестрата на Теона, Лабина Митевска го продуцира филмот со нивната компанија „Сестри и брат Митевски продукција“, заедно со продуцентската куќа „Онтро шие и лу“, која го продуцираше и претпоследниот филм на Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, што во 2019 имаше светска премиера во конкуренцијата за Златна мечка на Берлиналето и беше прв македонски долгометражен игран филм кој играл во оваа престижна селекција.

    Филмот се заснова на „Тереза ​​и јас“, ТВ серија од четири дела на Митевски од 2013.

    Митевска е во постпродукција на нејзиниот нов, шести филм „Најсреќниот човек на светот“, што се снимаше лани во август во Скопје и Сараево. Филмот доби поддршка од 30 милиони денари (500 илјади евра) на конкурсот на Агенцијата за филм во јули 2020, а поддршка доби и од Еуримаж. Македонски продуцент на овој филм е „Сестри и брат Митевски“, во копродукција со Босна и Херцеговина, Хрватска, Белгија и Данска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира