Само што се пријави за издржување на двеиполгодишната затворска казна во затворот во Шуто Оризари, поранешниот судија и претседател на Основниот кривичен суд Скопје Владимир Панчевски излезе оттаму, бидејќи Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје.
Имено, кога апелационите судии одлучувале по поднесените жалби по првичната затворска казна од три и пол години затвор изречена во Велешкиот основен суд, одлучувале без да го повикаат Панчевски за со адвокатот јавно да ја образложат жалбата.
„Во апелационите судови, односно во постапката во втор степен, има правило кое вели дека ако обвинетиот побара да присуствува на седницата за неговата жалба, тоа треба да му се овозможи. Овде тој барал, а второстепениот суд жалбите ги разгледал на нејавна седница, без присуство на обвинетиот, кој претходно побарал да биде викнат. Правото на одбрана му е нарушено, затоа одлуката е за враќање на предметот на повторно одлучување само во Апелациониот суд, а не отпочеток, во Основниот суд“, велат од Врховен суд.
Панчевски е осуден за злоупотреби со системот за електронска распределба на предмети (АКМИС) во Основниот кривичен суд Скопје, за време на мандатот како претседател на судот. Казната му ја намали Апелација, но највисокиот суд најде грешка во постапката.
С. К. ДЕЛЕВСКА