СÈ УКАЖУВА НА ТОА ДЕКА РУСИЈА ЌЕ ИЗМИСЛИ ПОВОД ДА ЈА НАПАДНЕ УКРАИНА ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ, ВЕЛИ БАЈДЕН

    СÈ УКАЖУВА НА ТОА ДЕКА РУСИЈА ЌЕ ИЗМИСЛИ ПОВОД ДА ЈА НАПАДНЕ УКРАИНА ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ, ВЕЛИ БАЈДЕНБајден вели заканата од руска инвазија е многу висока (Фото: АП)

    Џо Бајден предупреди дека има назнаки дека Русија би можела да ја нападне Украина во наредните денови, при што би можела да има лажен изговор за тоа.

    „Заканата од руска инвазија е многу висока. Сè укажува на тоа дека тие се подготвуваат да ја нападнат Украина. Мислам дека тоа ќе се случи во наредните денови“, изјави Бајден, додавајќи дека верува дека дипломатско решение на кризата е сè уште можно.

    Русија денеска изненадувачки му нареди на вториот човек во американската амбасада во Москва, Барт Горман, да ја напушти земјата, што Стејт департмент го опиша како неиспровоциран и ескалирачки потег. Во исто време, проруските бунтовници и украинските сили меѓусебно се обвинуваат за интензивни гранатирања долж линијата на разграничувањето во регионот Донбас.

    Бајден кажа дека Русија воопшто не повлекла свои трупи од границата со Украина и верува дека подготвува инсценирана операција за да ја оправда инвазијата. Тој додаде дека не планира да разговара со Владимир Путин.

    „Меѓу целите што Русија планира да ги нападне се Киев и одредени групи Украинци. Таа ќе го почне нападот со измислен повод, кој може да биде во разни облици. Сè уште има време Русија да избере поинаков пат“, изјави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, во Обединетите нации.

    Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, иако распореди над 130.000 војници долж границата. Москва денеска кажа дека не добила конструктивни одговори за своите безбедносни грижи и дека би можела да преземе „воено-технички мерки“, пренесе агенцијата „Интерфакс“.

    „Во отсуство на подготвеноста на американската страна да даде цврсти, правно обврзувачки гаранции за да се осигура нашата безбедност од САД и нивните сојузници, Русија ќе биде принудена да одговори, што вклучува и спроведување на мерки од воено-техничка природа“, се вели во документот што Москва го испрати до Вашингтон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира