Протестите на матичните лекари се прекинуваат, Министерството за здравство прифати да започнат разговори и со Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ), но и со Лекарската комора, по барањата кои матичните доктори ги имаат, заклуено е попладнево на работната средба. Матичните лекари бараат да се подигне вредноста на капитацијата, која беше ветено дека ќе биде 95 денари по пациент, како и измени на Законот за здравствена заштита, пациентите наместо да бидат врзани со лекарот, да ѝ припаѓаат на матичната здравствена ординација.
„Точни се тврдењата дека од 1.463 илјади матични лекари, петстотини се навистина на работ на егзистенција и едвај добиваат минимална плата за доктор и медицинска сестра. Токму во тој сегмент ќе работиме докторите да останат мотивирани за работа заедно со нивните тимови, да се обезбеди минимална плата и за докторот и за медицинската сестра. За да спречиме затворање на амбулантите и одлевање на кадарот. Ќе работиме да направиме нови тимови во руралните средини и малите населени места“, кажа заменикот-министер за здравство Владимир Рендевски.
Тој посочи дека по реакциите на докторите за казнената политика, претпладнето имал средба со директорите на Фондот за здравство (ФЗО) со кои со договорил за малите технички и административни грешки да се изрекуваат опомени, а на парични казни. Најавено е за една до две седмици формирање работни групи со утврдување на приоритети и да се започне со решавање на проблемите. Подоцна во работната средба се приклучил и министерот за здравство Беким Сали.
„Ги пренесов сите проблеми, на целокупното приватно здравство – режимот на препишување лекарства, казнената политика, опстанокот на малите амбуланти, основен пакет со кој би го растеретиле секундарното здравство. Апелиравме веднаш работните групи да започнат со работа, а во нив да има претставници и на Здружението и на Лекарската комора. За Законот за здравствена заштита побарав да има за него јавна расправа. Потребна е воспоставување на брза дијагноза во интерес на пациентите“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на ЗПЛМ.
Денес матичните лекари протестираа и не користеа Мој термин за пациентите, а примаа итни случаи. На протестот во Велес се приклучија и матичните стоматолози, кои кажаа дека ги имаат истите проблеми во работењето.
П. ПЕЧКОВ