ЗАПАДОТ Е УБЕДЕН ВО РУСКА ИНВАЗИЈА НА УКРАИНА, АНАЛИТИЧАРИТЕ ПРЕДВИДУВААТ НАПАД ОД ПОВЕЌЕ НАСОКИ

    ЗАПАДОТ Е УБЕДЕН ВО РУСКА ИНВАЗИЈА НА УКРАИНА, АНАЛИТИЧАРИТЕ ПРЕДВИДУВААТ НАПАД ОД ПОВЕЌЕ НАСОКИСо руските сили на западот, истокот, северот и Крим, украинските трупи би биле во окружување. (Фото: Би-Би-Си)

    Русија упорно негира дека планира да ја нападне Украина, додека САД и сојузниците од НАТО предупредуваат дека инвазијата е повеќе од извесна и може да почне во наредните денови. Воените аналитичари се согласуваат дека Русија со повеќе од 150.000 војници близу границата со Украина има повеќе опции ако се реши да нападне.

    „Ако целта на Русија е целосна промена на режимот во Украина, напад од северот е крајно можен“, вели Мајкл Кофман од американската истражувачка организација ЦНА.

    Русија има 30.000 војници во Белорусија заради заедничките воени вежби, кои треба да завршат утре. Тие се опремени со проектилите со краток домет „искандер“, бројни лансери на ракети и со борбените авиони „су-25“ и „су-35“.

    „На истокот, на руската територија, целата руска 41. армија чека на границата. Напредувањето кон Киев од Белорусија би им овозможило на Русите да ја избегнат затворената зона околу Чернобил“, додаде Кофман.

    Пробив од Крим е речиси сигурен ако Русија почне инвазија, смета Бен Бери од Меѓународниот институт за стратешки студии.

    „Копнено војување би вклучило моќни оклопни возила со концентрирана артилериска поддршка за да се обидат брзо да напредуваат во внатрешноста на Украина. Руското напредување од Крим би можело да заглави голем број украински војници источно од реката Дњепар. Со руските сили на западот, истокот, северот и Крим, украинските трупи би биле во окружување“, вели Бери.

    Според него, ваквиот напад би ги вклучил и поморските сили кои се моментално на Црното Море.

    Се смета дека во отцепените источни региони Доњецк и Луганск има 15.000 сепаратисти, иако Украина вели дека нивниот број е и поголем. Русија има и 10.000 војници постојано стационирани преку границата во регионот Ростов, а нови сили пристигнале неодамна.

    Ако Русија нападне од истокот, трупите би можеле да напредуваат кон Крим и да создадат копнен мост долж украинското југоисточно крајбрежје. Тие би можеле да тргнат и кон Харков од Белгород.

    Аналитичарите се согласуваат и дека Русите би можеле да нападнат од повеќе насоки истовремено, проследено со сајбернапади, воени дезинформации и ракетни напади.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира