Џо Бајден начелно се согласил да се сретне со Владимир Путин за да дискутираат за кризата околу Украина. Разговорите ги предложила Франција и ќе се случат само доколку Русија не ја нападне Украина, кажа Белата куќа.
Средбата би можела да понуди дипломатско решение за една од најголемите безбедносни кризи во Европа. И додека американските разузнавачи велат дека Русија е подготвена да почне воена операција, Москва постојано го негира тоа.
Русија вчера се откажа од плановите да повлече 30.000 војници од северната граница со Украина и ќе ги задржи во Белорусија и по завршувањето на тамошните воени вежби. Тие се дел од најмалку 150.000 руски војници распоредени долж границата со Украина, заедно со тенкови, артилерија, борбени авиони и друга воена опрема.
Предлогот за средба Бајден-Путин го објави Емануел Макрон, откако имал два телефонски разговора со рускиот претседател, кои вкупно траеле три часа.
„Деталите за можниот состанок би можеле да бидат договорени за време на средбата Ентони Блинкен-Сергеј Лавров в четврток“, кажаа од кабинетот на Макрон.
Во исто време, Белата куќа објави дека Русија продолжува со подготовките за целосен напад на Украина во скоро време. Американската компанија „Максар“ вели дека новите сателитски снимки покажуваат повеќе нови распоредувања на руските трупи и воена опрема од гарнизоните близу границата.