Владимир Путин побара од рускиот парламент да му дозволи да користи воена сила надвор од Русија, што би му овозможило да изведе поширок напад на Украина. Ова следува откако Белата куќа кажа дека руска инвазија е веќе почната.
Неколкумина европски лидери денеска кажаа дека руските трупи навлегле во украинските области контролирани од проруските сепаратисти. Писмото на Путин до долниот дом на парламентот само ќе го формализира распоредувањето на руската војска во источна Украина. Се очекува пратениците експресно денеска да го одобрат неговото барање.
Руското министерство за одбрана соопшти дека има намера да ги брани жителите на Доњецк и Луганск, додавајќи дека на Русија не ѝ бил оставен избор.
Путин синоќа ја призна независноста на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск и нареди испраќање на руски вооружени сили во овие региони во улога на миротворци.