Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, даде отчет за сработеното во првите 100 дена на функцијата. Рече дека е горд што успеал, заедно со сите вработени во општината, да даде решение за сите проблеми што ги најавил како приоритетни за решавање во овој период. Исто така истакна дека општината има и големи проблеми, посебно со големиот долг што го оставила претходната општинска гарнитура.
„Долгот е намален, но не можеме да дадеме конкретни бројки за колку. Според веќе објавените информации, општината има долг од над 7 милиони евра, кој е со извршни решенија, на кои до моментот на реализација се пресметува и затезна камата. Овие седум милиони се долг само на општината, а има и налози за извршување на неисплатен долг на Јавното комунално претпријатие. Со дел од субјектите на кои општината им должи пари сме во фаза на договарање за одложено плаќање на долгот. Но, некои налози веќе се извршни, па досега од сметката на општината се повлечени околу еден милион евра. Има и налози кои за нас не се прифатливи и сме ги обжалиле“, изјави Касами.
З. АНДОНОВ