РУСИЈА ЈА НАПАДНА УКРАИНА, ЕКСПЛОЗИИ СЕ СЛУШААТ И ВО КИЕВ

    РУСИЈА ЈА НАПАДНА УКРАИНА, ЕКСПЛОЗИИ СЕ СЛУШААТ И ВО КИЕВПутин кажа дека Русија не планира да ја окупира целата Украина (Фото: АА)

    Владимир Путин утрово објави почеток на воена операција во Украина и ги предупреди другите земји дека секое мешање во руските акции ќе доведе до последици какви што досега не се видени. Тој кажа дека нападот е потребен за да се заштитат цивилите во источна Украина, што САД претходно предупредија дека би можел да биде лажен изговор за инвазијата.

    Во телевизиското обраќање, Путин им порача на украинските војници во регионот Донбас да го положат оружјето и да се вратат дома.

    „Русија не планира да ја окупира Украина, но одговорот на Москва ќе биде брз ако некој ѝ се спротивстави на Русија. Украинскиот народ треба слободно да избере кој ќе ја води земјата“, кажа Путин.

    Киев тврди дека Путин почнал целосен напад на Украина. Извештаите кажуваат дека експлозии се слушаат во Киев, Харкив, Одеса и други градови низ Украина, а пукање имало и во близина на аеродромот „Бориспил“ во Киев. Агенцијата „Интерфакс Украина“ соопшти дека руските трупи влегле во јужните пристанишни градови Одеса и Мариупол.

    „Мирните украински градови се под напад. Ова е агресија. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот мора да дејствува за да го сопре Путин“, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Колеба.

    Џо Бајден го осуди нападот како неиспровоциран и неоправдан и кажа дека Русија ќе биде одговорна за катастрофални човечки загуби и уништувања.

    Според украинскиот претседател Зеленски, Русија има речиси 200.000 војници и илјадници борбени возила близу границата. Русија ја почна операцијата само неколку дена откако ја прогласи независноста на самопрогласените републики Доњецк и Луганск во источна Украина.

    „Целта на операцијата е да се одбранат луѓето кои осум години беа цел на геноцидот на киевскиот режим“, кажа Путин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира