ПОЛИТИЧАРИТЕ НЕ СЕ СТРУЧНИ ДА ЈА ОЦЕНУВААТ БЕЗБЕДНОСТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ТУКУ ИНЖЕНЕРИТЕ, ВЕЛИ АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ

    ПОЛИТИЧАРИТЕ НЕ СЕ СТРУЧНИ ДА ЈА ОЦЕНУВААТ БЕЗБЕДНОСТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ТУКУ ИНЖЕНЕРИТЕ, ВЕЛИ АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИАрхитектите објаснуваат дека ниту кога се гради објект од почеток проектите не се 100% прецизни за да се изведат и секогаш при градба доаѓа до одредени ускладувања на состојби, фази и решенија. (Фото: К. Попов)

    Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) смета дека политичарите не смеат да кажуваат оти проектот за Универзална сала е небезбеден, бидејќи тие не се стручни и со тоа ја омаловажуваат струката. Градоначалничката Данела Арсовска во вторникот на прес-конференција кажа дека Универзална сала не се прави, бидејќи проектот кој е одобрен од претходното раководство на Градот не е безбеден. На изјавата на Арсовска реагираше фирмата проектант „Мегарон инженеринг“, која кажа дека проектот е безбеден и сите измени се одобрени од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

    Од Асоцијацијата на архитекти за случувањата околу Универзална сала сметаат дека се врши невиден и опасен преседан за архитектурата и за струката на проектанти и учесници во градбениот процес, со тоа што се зборува од позиција на аматеризам, со вметнување опасни тези дека наводно објектот се гради според небезбеден проект. Ниту градоначалниците ниту министрите, сметаат од ААМ, не се тие кои треба да гарантираат материја вон нивните овластувања и експертност. Само стручњак со ист или повисок степен на квалификација може да суди дали некој проект е точен или неточен.

    Архитектите објаснуваат дека ниту кога се гради објект од почеток проектите не се 100% прецизни за да се изведат и секогаш при градба доаѓа до одредени ускладувања на состојби, фази и решенија. Тоа во реконструктивните зафати се појачува уште порадикално.

    „Објект стар над 50 години како Универзална сала доживува голем број на деформации за време на својата експлоатација, кои се видливи само со инструмент или се артикулрираат при изведба на нови елементи, а при тоа треба да се додаде дека постојниот објект е од полумонтажен тип. Така што, замена на одредени решенија во текот на градба на вакви објекти е сосема нормално, сè додека замената не ги надмине во голема мера проектираните решенија. Но, таквата состојба треба стручно и да се препознае и да се утврди по законски пат, а не преку медиуми. Да не заборавиме дека во целиот процес на проектирање и контрола се вмешани и Градежниот факултет и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Се додека не се повлечат од проектот, истиот е легитимен“, објаснуваат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

    Од Асоцијацијата сметаат дека е крајно време да се престане со омаловажување на струката по многу основи и нејзино користење во дневно-политички пресметки помеѓу политичките опоненти.

    „За квалитетите на проектните решенија стандардизирани со закон можат да се произнесат самите учесници според нивната хиерархиска стуктура: проектант, одговорен проектант, ревидент, супер-ревидент. Тоа е накусо методологијата на проектниот процес и негова законска верификација пред отпочнување на изведбените работи. Оттука, секој градбен процес е резултат на точно законски одредена процедура со што се гарантира физичката, економско-правната, социо-културната и секоја друга безбедност на проектантот, изведувачот, корисникот, инвеститорот и на крај општеството. Доколку стручно и овластено лице и само такво лице, увиди неточности во проектот од својата област, должен е да побара супер ревизија на целиот проект како не би дошло до било какво загрозување на безбедност на граѓаните. Тогаш, проектот треба да биде сопрен, а сите инволвирани да бидат исправени пред лицето на правдата, и проектанти и ревизори и изведувачи и нарачатели, а компаниите кои тоа го верификувале да им бидат одземени сите лиценци и дозволи за работа“, велат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

    Универзална сала е изградена после земјотресот во 1963, а проектот е донација на Бугарија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира