Генералниот секретар на НАТО одби да ги осуди апсењата на пратеници и новинари во земјата членка Турција, откако беше притиснат да одговори во врска со овие прашања од страна на холандски пратеник.
Десетмина пратеници од про-Курдската Народна демократска партија се уапсени со обвинение за ширење терористичка пропаганда, а во затвор се повеќе од 120 новинари со разни обвинувања.
„Повеќе новинари се во затвор тука отколку во Кина“, кажа Хан тен Бреке од холандската Либерална партија, зборувајќи на самитот на пратениците од НАТО во Истанбул.
Тој додаде дека весници се затвораат речиси на дневна основа.
Тен Бреке изрази солидарност со Турција по неуспешниот пуч во јули, кој потоа беше повод за масовни чистки во државните институции и медиумите, но рече дека алијансата не може да ги игнорира нарушувањата на слободата на говорот додека е на став дека може да го брани слободниот свет.
„Демократијата бара да не се биде безрбетник. Мора да застанеме цврсто во одбрана на вредностите што сите ги делиме“, кажа тој.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека Турција има право да ги гони одговорните за пучот, но само во рамките на законот.
„Јас лично им давам големо значење на клучните вредности на НАТО – демократија, владеење на правото и индивидуалните слободи“, вели Столтенберг.