Претседателот Игнацио Касис изјави дека и неутралната Швајцарија веројатно ќе ја следи Европската Унија и ќе воведе санкции за Русија и ќе ги замрзне сите руски средства во оваа земја. Касис кажа дека седумчлениот Федерален совет ќе се состане денеска и ќе ги разгледа препораките од министерствата за финансии и економија.
„Многу е веројатно дека владата утре ќе донесе таква одлука“, изјави Касис.
Тој додаде дека швајцарската неутралност мора да се зачува и понуди земјата да биде посредник во преговорите за примирје доколку денешните руско-украински разговори на белоруската граница не вродат со плод.
Швајцарската влада се најде под притисок да заземе поцврст став кон Русија и да се приклучи кон санкциите од ЕУ. Околу 20.000 луѓе во саботата маршираа во Берн на најголемите демонстрации во земјата во последните децении, при што имаше критики кон владата за нејзината претпазлива политика.
Руските државјани имале над 11 милијарди долари во швајцарските банки во 2020, според податоците на Националната банка на Швајцарија.