КАРНЕВАЛЏИИТЕ ВО СТРУМИЦА ЦЕЛА НЕДЕЛА ЌЕ БИДАТ НА ВЛАСТ БЕЗ ИЗБОРИ, КАЖА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТАДИНОВ И ИМ ГО ПРЕДАДЕ КЛУЧОТ ОД ГРАДОТ

    КАРНЕВАЛЏИИТЕ ВО СТРУМИЦА ЦЕЛА НЕДЕЛА ЌЕ БИДАТ НА ВЛАСТ БЕЗ ИЗБОРИ, КАЖА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТАДИНОВ И ИМ ГО ПРЕДАДЕ КЛУЧОТ ОД ГРАДОТКостадинов клучот го донесе со марш од мажоретки и музика од градскиот оркестар. (Фото: СДК.МК)

    Синоќа почнаа седумте карневалски денови во Струмица, откако градоначалникот Костадин Костадинов симболично го предаде клучот на претседателот на карневалскиот одбор Александар Цицимов. Во присуство на преставници на повеке карневалски групи кои беа во маски, Костадинов клучот го донесе со марш од мажоретки и музика од градскиот оркестар.

    „Од вечерва па во наредните седум дена, власта на градот  ќе ја имаат карневалџиите кои го исполнуваат аманетот на своите претци. Всушност, тие се единствените кои имаат привилигија што ќе имаат власт без избори. Шега на страна, но овој клуч кој го предаваме ја покажува отвореноста на Струмица и струмичани за сите кои сакаат да бидат дел од овие карневалски свечености“, кажа Костадинов.

    В сабота ќе се одржи главното карневалско дефиле по струмичките улици. (Фото: СДК.МК)

    Веднаш по симболичното предавање на карневалскиот клуч, беше промовирана монографијата за 30-годишниот карневал во организирана форма „Струмичко чудо“ од авторите Александар Цицимов и Катерина Милушева. Монографијата го опишува развојот на ова манифестација со посебен акцент на последниве три децении, кога струмичкиот стана дел од Европската асоцијација на карневалските градови и стана еден од најдобрите улични карневали во Европа.

    Согласно програмата, предвидени се два концерта под маски на музичкото училиште „Боро Џони“,  а в сабота ќе се одржи главното карневалско дефиле по струмичките улици. Поради пандемијата,  годинава на карневалот ќе учествуваат 20-тина  карневалски групи од земјава и од Србија и Грција. В недела на Прочка е детскиот карневал, в понеделник по струмичките улици ќе се дели посен грав за почнување на постите. Планирано е да се доделуваат награди и за најдобрите маски, афоризми и карикатури со еротска содржина и за литературни творби, а в среда Струмица ќе го одбележува Тримери, празникот на армасаните за кој се врзува карневалот.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира