ЌЕ СЕ ИЗБРИШАТ 7 МАРКИЧКИ ЗА ЗГРАДИ ВО АЕРОДРОМ, СИТЕ СЕ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ И ПАРЦЕЛИТЕ НЕ СЕ ПРОДАДЕНИ, ВЕЛИ МУЦУНСКИ

    ЌЕ СЕ ИЗБРИШАТ 7 МАРКИЧКИ ЗА ЗГРАДИ ВО АЕРОДРОМ, СИТЕ СЕ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ И ПАРЦЕЛИТЕ НЕ СЕ ПРОДАДЕНИ, ВЕЛИ МУЦУНСКИНа 6 локации биле предвидени маркички за станбени згради, а на една за општинската зграда. (Фото: Општина Аеродром)

    Општина Аеродром ќе избрише 7 маркички за згради, за што постапките се почнати и ќе траат неколку месеци, вели градоначалникот Тимчо Муцунски. Сите парцели каде биле предвидени згради се државно земјиште и ниту една не е продадена на приватен инвеститор со што, вели Муцунски, постапките се чисти и нема можноста за закани со тужби.

    „Почнавме иницијатива за бришење на седум маркички, тие се парцели што се на државно земјиште. На 6 биле предвидени станбени згради, а на една е за општинската зграда. Процедурата за промена на плановите очекуваме да трае неколку месеци, бидејќи единствените промени кои ќе ги правиме се во делот на бришење на тие маркички. Очекуваме брзо да оди оти не станува збор за типична промена на Детален урбанистички план (ДУП), а ние гарантираме дека во меѓувреме по никоја цена нема да се гради на тие локации. Државно земјиште не е продадено, чисти се постапките, не би било логично некоја институција да го опструира менувањето на планот“, вели Муцунски.

    И покрај тоа што се брише маркичката за општинска зграда која требаше да се гради во Реонскиот центар Аеродром, Муцунски вели дека од овој проект не се откажуваат туку напротив се бара друго посоодвентна локација.

    „За мене не е логично толку години Општината да нема свои простории и да плаќа кирија. Барањето на жителите беше во Реонски центар да има парк и тоа ќе го направиме, а разгледуваме други локации за општинска зграда. Првата е зад зградите Џеваир, а втората кај зградата и игралиштата на Фудбалската федерација на Македонија“, додава Муцунски.

    За решавање на проблемот со паркирањето, тој најавува изградба на неколку монтажни паркиралишта.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира