АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД МОРА ДА СЕ ЗАВРШИ ДО КРАЈОТ НА 2023, ЌЕ НЕМА ПОВЕЌЕ ОТСТАПКИ, КАЖА БОЧВАРСКИ 

    АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД МОРА ДА СЕ ЗАВРШИ ДО КРАЈОТ НА 2023, ЌЕ НЕМА ПОВЕЌЕ ОТСТАПКИ, КАЖА БОЧВАРСКИ Бочварски најавува дека годинава ќе се изгради најголем дел од делницата на автопатот. (Фото: СДК.МК)

    Автопатот Кичево-Охрид ќе биде готов до крајот на 2023 година, отстапки повеќе нема да има, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска во Охрид. Досега, како што кажа, се изградени над 65 проценти, средства има и останува изведувачите да продолжат со градба и да ја завршат работата.

    „Важно е дека државните процедури кои требаше да ги завршиме се при крај. Министерството веќе одобри 70 инфраструктурни проекти кои продолжија понатака во институциите. Министерството за земјоделство веќе работи за пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно, се работи и на имотно-правни работи, на експропријација на парцели. Сега останува на изведувачите, на механизацијата да излезе на терен и оваа градежна сезона да завршиме најголем дел од автопатот, секако и наредната за да на крајот од 2023 година автопатот биде пуштен во употреба“, рече Бочварски.

    Министерот Бочварски не знаеше дали за автопатот ќе требаат дополнителни средства оти имало зголемување на цените на материјалите, но вели дека активните договори со изведувачите мора да се почитуваат.

    Автопатот Кичево-Охрид почна да се гради вофевруари 2014 кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а премиер Никола Груевски.

    За дивоградбите во Охрид, Бочварски кажа дека сите надлежни институции, инспекциски служби како државни така и општински треба да контролираат и санкционираат на терен.

    „Охрид и Охридскиот Регион треба да се заштитат. Мора да се почитува Планот за управување и таму каде што има донесено урбанистички планови. Се прави урбанистичкиот план за целото охридско крајбрежје со цел да не дозволиме да се загрози статусот на УНЕСКО на Охрид и Охридскиот Регион“, рече министерот и ги повика граѓаните и тие да пријавуваат ако забележат дека се гради на диво.

    На денешната средба со бродарите од Охрид министерот им вети измени во Законот за пловидба, со кои полагањата за сертификати ќе биде во Охрид, а кажа и дека Министерството за транспорт и врски за годинава има обезбедено средства за чистење и продлабочување на Охридското пристаниште и пристаништето во Свети Наум.

    „Наскоро ќе започне постапката за избор на изведувач, а во однос на состојбата на пристаништето заедно со локалната самоуправа ќе изнајдеме начин, со кои материјали, како би се обновило, да се обезбеди буџет, согласно сите процедури бидејќи Охридскиот Регион е под заштита на УНЕСКО“,  рече Бочварски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира