РУСИЈА ПРОГЛАСИ 12-ЧАСОВЕН „ТИВОК РЕЖИМ“, ПОЧНА ЕВАКУАЦИЈАТА ОД СУМИ И ИРПИН

    РУСИЈА ПРОГЛАСИ 12-ЧАСОВЕН „ТИВОК РЕЖИМ“, ПОЧНА ЕВАКУАЦИЈАТА ОД СУМИ И ИРПИНЖителите на Ирпин и во изминатите денови се обидуваа да избегаат од градот (Фото: АП)

    Русија утрово најави дека ќе отвори хуманитарни коридори од Киев, Чернигов, Суми, Харкив и Мариупол со цел да се евакуираат цивили, при што министерството за одбрана кажа дека руските сили вовеле „тивок режим“ во 8 часот по македонско време. Тој треба да биде на сила до 20 часот.

    Вакви обиди имаше и во изминатите три дена, но пропаднаа, за што двете страни меѓусебно се обвинуваа. Украина вчера ги одби руските предлози цивилите да се евакуираат во Русија и Белорусија.

    Украинските власти потврдија дека почнала евакуацијата од североисточниот град Суми и од Ирпин во близина на Киев. Планирано е цивилите од Суми, меѓу кои има и странски студенти, да заминат во Полтава, оддалечена 175 километри.

    „Коридорот од Суми доби зелено светло, првата фаза од евакуацијата е почната“, соопшти украинската влада.

    Ситуацијата е најочајна во Мариупол, од кој треба да излезат речиси половина од 450.000 жители.

    Од почетокот на инвазијата пред 13 дена, од Украина избегале два милиона луѓе, според Обединетите нации, од кои 1,2 милиона во Полска.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира