ЌЕ СЕ РАСПРОДАВА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ КАЈ КИНО ВЛАЕ ЗА ПРИВАТНИ ИНВЕСТИТОРИ ДА ГРАДАТ 10-КАТНИЦИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИ НА ВЛАЕ

    ЌЕ СЕ РАСПРОДАВА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ КАЈ КИНО ВЛАЕ ЗА ПРИВАТНИ ИНВЕСТИТОРИ ДА ГРАДАТ 10-КАТНИЦИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИ НА ВЛАЕПокрај просторот кај поранешно кино Влае, цела улица Есперанто и дел од паркот околу Делфина се додадени во градежната парцела.(Фото: СДК.МК)

    Дел од земјиштето кај поранешно кино Влае каде треба да никнат 10-катници е државно, велат жителите на населбата. Тие против лошиот Детален урбанистички план (ДУП) за Влае 2 кој го носи Општина Карпош се организираа во група „Борба за Влае“. Велат не сакаат кули на местото на бараките на кино Влае и не сакаат државно земјиште со 1.600 метри квадратни да се даде за згради наместо за јавен простор

    „Површината за градба на кулите кај кино Влае со стариот ДУП укинат од Уставен суд беше 2.575 метри квадратни, а со новиот е речиси двојно зголемен на 4.443. Кога планерката на јавната презентација ни кажа ‘сите живеете во град, ако нејќете да има улици и други содржини не живејте во град‘, пропушти да каже дека со својот цртеж доделила над 1.600 метри квадратни државно земјиште на некое приватно лице за да може да ги окрупни парцелите откако ќе се усвои планот. Цела улица Есперанто и дел од паркот околу Делфина се додадени во градежната парцела. Бараме тој да се одземе од парцелата, зашто тие 1.600 метри квардатни ни припаѓаат на сите нас, а не на едно лице. Бараме објектот кај Кино Влае да стане пропорционален на условите, а не да ни направи хаос во населбата.“, велат жителите од групата „Борба за Влае“.

    Дел од ДУП-от Влае 2 за просторот каде треба да никнат зградите. (Фото: Борба за Влае)

    Граѓаните велат дека со новиот план се цртаат нови улици меѓу нивните куќи, како и јавни содржини на приватен имот, а тоа што Општината го вика развој на населбата, за нив е уништување и бетонизација. Само во зградите кај кино Влае ќе има 1.000 нови жители.

    „Вие ни правите тесни улици без велосипедски патеки и претесни тротоари, вие ни одземате од парковите, за нечии парцели да бидат поголеми. Вие ни цртате 10-катница покрај парк кој ќе остане целиот во сенка. Не сме ние тие кои не сакаме содржини и улици. Вие ни ги одземате содржините и улиците. Тоа што вие го викате развој всушност е деградација на населбата. Од населба со зеленило, јавни простори и уличен живот. Влае ќе ја направите населба во која има само спални соби, згради, продавници, монтажни гаражи и хаос на улиците“, велат од „Борба за Влае“.

    Од Општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски бараат ДУП-от да се промени после јавната анкета, па дури ако треба и да се распише референдум за граѓаните да им кажат на властите дека се против ваквите содржини.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира