До крајот на месецов пензионерите повторно ќе се возат бесплатно во автобусите од градскиот превоз во Скопје. И покрај енергетската и економската криза градоначалничката Данела Арсовска не се откажува од оваа мерка за која од буџетот на Град Скопје ќе се потрошат 650.000 евра кои се префрлени на ЈСП „Скопје“. Бесплатниот превоз ќе важи во вторник, петок, сабота и недела, како што беше пред да се укине поради заштита од ширење на коронавирусот.
„На штета на граѓаните никогаш нема да се настапува. Јас верувам дека директорот на ЈСП ‘Скопје‘ кој го затекна претпријатието во девастирана состојба и се соочува со бројни опструкции, тоа што го ветил и кажал, а што е поминато на седница на Совет, ќе го реализира. Во втората половина на месец март ќе почне бесплатен превоз за оваа категорија граѓани“, рече градоначалничката Данела Арсовска одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАК.МК дали овој проект ќе се стопира со оглед на економската криза и тоа што се бара помош од Владата.
Арсовска кажа дека неделава очекува средба со Владата за помош на општините поради енергетската и економската криза.
„Она што е неопходно е да се разговара за кои ќе бидат начините за да се асистира за да се надминат овие проблеми затоа што на крајот од денот овие се проблеми на граѓаните, а не на Општините. Доколку општините не се функционални граѓаните нема да можат да ги добијат услугите. ЗЕЛС испрати до Владата сет на мерки на кои еве веќе три месеци не е одговорено. Побаравме и состанок за на маса да се образложат нашите барања и последната информација е дека до среда ќе имаме средба“, кажа Арсовска која денеска ја најави пролетната акција за чистење на сите скопски општини.
На барањата на Арсовска како претседателка на ЗЕЛС од Владата одговараа дека општините не може само да бараат помош, а притоа да не носат никакви мерки за штедење и реорганизација на работењето.
А. АНТЕВСКА