По обвинетиот Сашо Мијалков, кој тврдеше дека никој од него не побарал да помогне да се прикрие незаконски имот, на денешното судење за „Плацеви на Водно за Груевски“ сведочеше Мето Стојчевски, зет за сестра на обвинетиот Орце Камчев. Тој беше споменат од Камчев на претходното рочиште како формален сопственик на три стана во „Панорама резиденс“ на Водно, кои, според Камчев, се фактички на избеганиот поранешен премиер Никола Груевски.
Дали како сопственик на архитектонската фирма „Гема” сте се запознале со Никола Груевски и Сашо Мијалков, го праша обвинителката Лиле Стефанова.
„Со Груевски кога стана премиер, а со Сашо сме другари од деца“, одговори сведокот.
Дали ви е позната фирмата ССИ Инвестмент ДООЕЛ Скопје, праша Стефанова.
„ССИ Инвестмент ДООЕЛ ми е позната фирма, од 2009 година“, одговори Стојчевски и потоа раскажа за комуникацијата со Мијалков и Камчев.
„Дали Мето имаш некоја слободна фирма, ме праша Сашо. Да. Зошто, го прашав, не ми одговори. По некое време ме праша пак. Му велам морам да знам за што е, на мое име е фирмата. За да се префрли некој имот, ми кажа Сашо. Чиј? На Никола Груевски ми рече. Помина време, во 2016 година ми се јави Орце. Вели треба да се префрли удел во твојата фирма, од Панорама. Во 2017, во 2018 година го потпрашав Сашо, не ми кажа што е со тој имот. Ми се јави Орце во 2020 година пак, ми вели ќе ги купиш сега уделите од Панорама. Со парите ќе купиш три апартмана и две гаражни места. Така направив, со платени даноци, сè чисто како солза, за да нема никаква дамка”, кажа Стојчевски.
Каков друг имот има оваа фирма?, праша обвинителката.
„ССИ Инвестмент има уште една зграда во Центар“, кажа Стојчевски.
„Се чувствувате ли сопственик на имотот на ССИ Инвестмент“, праша Стефанова.
„Не“, одговори кусо сведокот.
Каде се клучевите од овие станови, праша обвинителката.
„Во чуварницата. Тие станови не се мои“, кажа Стојчевски.
Сте помислиле ли некогаш да ги владеете овие станови, праша Стефанова.
„Не“, рече Стојчевски.
Што точно ви кажа Мијалков кога побара слободна фирма од вас, ви кажа ли со што ќе се занимава, се наврати обвинителката.
„Рече дека само треба да се префрли имот на Никола Груевски и никогаш повеќе не зборев со него на таа тема“, одговори Стојчевски и додаде:
„Јас сум сопственик само на хартија. Има и директорка на хартија. Имотот таму не е мој“.
Во вкрстено испрашување, адвокатот на Мијалков го праша сведокот Мето Стојчевски.
„Рековте Камчев ви кажал и вие сте го купиле уделот. Со кои пари го купивте“, праша адвокатот.
„Не знам кои пари влагале, чии пари влегувале. Јас кажав дека се грижев даноците да бидат платени, да немам судир со законот”, кажа тој.
На претходното рочиште, во петокот, Камчев го спомна Стојчевски и затоа тој денеска беше викнат да сведочи дополнително.
„До 2015 година немав чуено за Сирах. Дојде Ненад Јосифовиќ во канцеларија, ми кажа еве ова е фирма која е предадена да прават бизнис зделки. Раскажа, мои луѓе се, рековме добро, пробај да се откачиш од таа фирма, немаш таму ниту влез, ниту излез на пари. Потоа ми се јави Сашо Мијалков. Ми рече да го примиш Ристе на кафе. Ми кажа дека го праќа Груевски во врска со земјиште на компанија сопственост на Ристе, и на друга на Ненад. Тогаш немав контакт со Груевски, имаше сестра ми. Ми кажа дека земјиштето што го поседува Сирах, Груевски ја прашал дали може да го купиме. Размисливме и познавајќи го неговиот карактер на одмаздољубивост, го купивме. Преку сестра ми прати порака една локација да се задржи, а другите, кои не вределе, да се размисли да се надомести во соодветен адекватен имот. Тоа беше првиот договор во 2015 година. Потоа Груевски се откажа комплетно од сите плацеви, побара адекватни станови. Пошто требаше да се затвори целата трансакција, сите плаќања од Орка кон Сирах лимитед и така натаму, се направени комплетно така како што обвинителството ги има напишано. По барање на Груевски, плацевите се компензираа со станови на атрактивна локација од 750 метри квадратни. Пошто требаше некако да се обезбеди преносот, во 2015 од негова страна, фирма влезе како соосновач во зградата во која се градеа становите. Не сакам да кријам сопственост, а најмалку на Груевски. Потоа фирмата требаше да го врати уделот, а потоа да земе за таа вредност станови кога ќе се добијат имотните листови. Првата трансакција беше во 2016 година, а првиот имотен лист во 2020 година. Ова е вистината за делот што сум обвинет“, кажа во сведочењето Камчев.
Што се случи сега со овој имот, кој е сопственик, праша одбраната.
„Па физичко лице како Ненад, како Ристо, нереален сопственик кој се вика Мето Стојчевски“, одговори Камчев во петокот.
- ТОЛКУ ПАРИ ДА СНЕМА ОД ПАРТИСКАТА КАСА И НИКОЈ ДА НЕ ЗАБЕЛЕЖИ, НЕ МИ Е ВЕРНО ТОА, СВЕДОЧЕШЕ МИЈАЛКОВ НА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО ЗА ГРУЕВСКИ“
- ГРУЕВСКИ ГИ ЗАМЕНИ ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО СО ТРИ СТАНА ВО „ПАНОРАМА РЕЗИДЕНС“ ОД 750 КВАДРАТА, СВЕДОЧЕШЕ КАМЧЕВ
- ПО КУМОТ НОВАЧЕВСКИ, И ОБВИНЕТИОТ ЈОСИФОВИЌ СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА „СИРАХ ИНЖЕНЕРИНГ“ Е ФОРМИРАНА ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ГРУЕВСКИ ЗА ГРАДЕЖНИШТВО И НЕДВИЖНОСТИ
- КУМОТ НОВАЧЕВСКИ СВЕДОЧЕШЕ И КАКО ГРУЕВСКИ ПРЕКУ НЕГО КУПИЛ ПЛАЦ ВО КРУШЕВО ЗА ВИКЕНДИЧКА
- КАМЧЕВ МИ ПРЕФРЛИ 11 ИЛЈАДИ ЕВРА И ВЕДНАШ МУ ГИ ВРАТИВ ЗА ДА ИЗГЛЕДА ПОРЕАЛНА ПРОДАЖБАТА НА „СИРАХ“ КОЈА ГО ИМАШЕ ЗЕМЈИШТЕТО НА ВОДНО, СВЕДОЧИ КУМОТ НА ГРУЕВСКИ
- ГРУЕВСКИ МИ РЕЧЕ ДА МУ БИДАМ УПРАВИТЕЛ ВО ГРАДЕЖНАТА ФИРМА И ДЕКА САКА ДА ЗЕМЕ ЗЕМЈИШТЕ НА ВОДНО, СВЕДОЧЕШЕ КУМОТ НА ИЗБЕГАНИОТ ЕКСПРЕМИЕР
- ЗА ДА ИМАМ ДОКАЗИ ДЕКА СИ МИ СЕ ЈАВУВАЛ ТРЕБАЛО ДА ГИ СНИМАМ СИТЕ НАШИ РАЗГОВОРИ, МУ ОДГОВОРИ АЛЕК ТЕРАНОВА НА МИЈАЛКОВ НА ВКРСТЕНО ИСПРАШУВАЊЕ
- ЕДНИОТ СТАН НА БИХАЌКА ГО ПЛАТИ ГРУЕВСКИ, АМА НЕ САКАШЕ ДА БИДЕ НА НЕГОВО ИМЕ, А ДРУГИОТ ГО ПЛАТИВ ЈАС, СВЕДОЧЕШЕ БИЗНИСМЕНОТ АЛЕК ТЕРАНОВА
- ПОСРЕДНИКОТ ЗА ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО СЕ НАДЕВАШЕ НА ПРОВИЗИЈА, АМА МУ КАЖАВ ДА НЕ СЕ МЕШАМЕ ОТИ ИМАМЕ РАБОТА СО МОЌНИ ЛУЃЕ, СВЕДОЧЕШЕ АЛЕК ТЕРАНОВА
С. К. ДЕЛЕВСКА