Пораки за да се јават на вакцинација деновиве добиваат и граѓани кои претходно беа вакцинирани со две дози, а пред три-четири месеци прележале коронавирус. Од Министерството за здравство велат дека укажувањето за вакцинирање е исто за сите граѓани без разлика дали прележале ковид или не.
„Примањето трета доза вакцина овозможува посигурна и оптимална заштита отколку примени две дози, иако солидна заштита овозможува и имунизацијата со две дози. Иако вакцините против ковид-19 остануваат ефикасни во спречувањето на тешка форма на болест, хоспитализација или смрт, неодамнешни истражувања укажуваат дека нивната ефикасност во спречувањето на инфекција или тешка форма на болеста опаѓа со текот на времето, особено кај луѓе на возраст над 65 години“, одговорија од Министерството за здравство.
Во пораката што ја добиваат граѓаните покрај закажан точен термин и вакцинален пункт, пишува и препорака дека одредени медицински состојби носат повисок развој на тешка форма на ковид-19, па пожелно е граѓаните да се консултураат со матичниот лекар и доколку спаѓаат во ризичната група да се пријават на закажаниот термин.
Во земјите во соседството, кај жителите со две примени дози и прележан ковид-19 се препорачува вакцинација некаде за три, а некаде за шест месеци. Приоритет за ревакцинација имаат постарите лица кои спаѓаат во ризичната група со хронични болести.
Во државата досега се вакцинирани вкупно 872.652 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19. Комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 852.855 лица, а со трета доза се вакцинирани 152.109 лица.
Ж. ЗДРАВКОВСКА