ОСНОВЦИТЕ ВО ШКОЛО БЕЗ МАСКА, ФАКУЛТЕТИТЕ СО НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    ОСНОВЦИТЕ ВО ШКОЛО БЕЗ МАСКА, ФАКУЛТЕТИТЕ СО НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАЗа наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски. (Фото: СДК.МК)

    Од утре, основците ќе можат да посетуваат настава со физичко присуство без задолжително носење заштитна маска за заштита од ковид-19, соопшти Министерството за образование и наука (МОН), откако на Владата денеска го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски. Оние ученици кои ќе сакаат, можат и понатаму да носат заштитна за време на престојот во училишниот објект.

    Одлуката важи сè до евентуален нов предлог од Комисијата за заразни болести.

    „Министерството апелира на доследно почитување на сите останати мерки за справување со пандемијата кои се на сила и на одговорно однесување не само во училиштата, туку и надвор од нив, со цел непречено продолжување на наставата со физичко присуство како опција која е од најдобар интерес за учениците“, велат од МОН.

    Владата одлучи да се започне настава со физичко присуство на факултетите во земјата, со почитување на препорачаните превентивни мерки за заштита од ковид, задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување физичко растојание 1-2 метри, зачестена хигиена на рацете со задолжителна дезинфекција пред влезовите во предавалните, амфитеатрите, вежбалните, односно негрупирање и често проветрување на затворените простории, со препорака за вакцинација на студентите и наставниот кадар на факултетите во државата.

    Одлучено е и да се зголеми максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашниот најмногу до 50%, на најмногу до 75%, со задолжително носење на заштитни маски за културни настани, во театри, кина, филхармонија, како и семинари, обуки, состаноци, конференции и слично.

    Се укинува обврската за обезбедување редарски служби во економските оператори.

    Се укинува и мерката за задолжително поседување сертификат за вакцинација, односно примени две дози на вакцина против КОВИД-19 или потврда за прележан ковид во последните 180 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за посета на угостителски објекти на отворено. За затворените делови останува обврската за задолжително поседување на сертификатите за вакцинација или за прележаност.

    Согласно актуелната епидемиолошка состојба, прифатено е барањето на Министерството за внатрешни работи, полицијата и армијата да продолжи со обезбедувањето на Ковид-центрите и вакциналните пунктови, а да престане надворешното физичко обезбедување на одделни КОВИД капацитети во Скопје и другите градови на државата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира