Инвеститорите на нови згради и деловни објекти во рамките на градежната парцелата треба да предвидат и паркинг простор за велосипеди. На вчерашната седница на Советот на Општина Центар беше донесена одлука со која се задолжуваат инвеститорите кои поднесуваат барање согласно Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде има простор и можност истите да се постават.
„Уредувањето и обезбедувањето на овие паркинзи за велосипеди во рамки на една градежна парцела треба да е правопропорционално на бројот на станбени единици и бројот на паркинг места за моторни возила. Се наложува минималниот потребен број на паркинг места за велосипеди кај новите и реновирани станбени згради со повеќе од три паркинг места за моторни возила да е две паркинг места за велосипеди за секоја станбена единица. Минимално потребниот број на паркинг места за велосипеди кај нови и реновирани објекти кои не се предвидени за домување со повеќе од пет паркинг места за моторни возила да е едно паркинг место за велосипед за секое паркинг место за моторно возило“, велат од Општина Центар.
Според одлуката на Општината од вкупниот број паркинг места за велосипеди, минимум 50 отсто треба да бидат заштитени од кражба и атмосферски влијанија, предвидени во приземјето или на првото подземно ниво на објектот, во документациите кои се дел од постапките за издавање одобрение согласно Законот за градење.
Веќе изградените деловни објекти треба да ја уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во рок од две години од стапувањето на сила на оваа одлука, додека имателите на други објекти, кои не се предвидени за домување и кои имаат паркинг простор со повеќе од пет паркинг места за моторни возила, треба да ја уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во рок од една година од стапувањето на сила на одлуката.
„Со оваа одлука се стимулира поголема употреба на еколошки превозни средства и ќе се овозможи намален метеж во сообраќајот, но и намалена загаденост на воздухот од користење на моторни возила“, додаваат од Општината.
Воведувањето на оваа мерка беше барање доставено до Општината од Здружението за урбан велосипедизам „НаТочак“.
А. АНТЕВСКА