50 ГОДИНИ ОД ИЗГРАДБАТА НА АРХИТЕКТОНСКИ НАЈПРЕПОЗНАТЛИВАТА БЕНЗИНСКА ПУМПА НА МАКПЕТРОЛ КАЈ БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ ВО ОХРИД

    50 ГОДИНИ ОД ИЗГРАДБАТА НА АРХИТЕКТОНСКИ НАЈПРЕПОЗНАТЛИВАТА БЕНЗИНСКА ПУМПА НА МАКПЕТРОЛ КАЈ БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ ВО ОХРИДПрепознатливиот и импозантен кружен објект, којшто се наоѓа на патот кон селото Велестово, е пуштен во употреба на 7 април 1972.(Фото: Макпетрол)

    Бензинската станица „Билјанини извори“, што е дел од мрежата на „Макпетрол“, денеска ја одбележува 50-годишнината од отворањето, соопшти компанијата. Препознатливиот и импозантен кружен објект, којшто се наоѓа на излезот од Охрид, на патот кон селото Велестово, е пуштен во употреба на 7 април 1972 година. Автор на проектот е архитектот Ѓорѓи Голев, додека изведувач на армираните бетонски конструкции е „Гранит“, а на металните конструкции, „Коце Металец“.

    Имајќи предвид дека бензинската станица се наоѓа во Охрид, град со голем број историски и културни знаменитости, овој објект изминатиов половина век се наметна и како своевиден симбол на градот.

    Бензиската станица ‘Билјанини извори‘ е специфично решение совршено поставено насреде значајна сообраќајна раскрсница. Тоа е произлезено од соодветните архитектонски анализи кои потекнуваат од сообраќајната логика на свртување – кружен ток и смелите конструктивни можности кои ги дозволува рамномерното урамнотежено пренапрегнување преку централна вертикала. Авторот Ѓорѓи Голев и соработниците, достојно одговориле на професионалниот повик и задача. Објектот е редок пример на домашната сцена кој ја сочувал сопствената оригиналност, создавајќи функционална монументалност која е невозможно да ја игнорирате“, велат од „Македонска АРХитектура МАРХ.

    Јубилејот на бензинската станица „Билјанини извори“ се одбележува во годината во која што „Макпетрол“ слави и 75-годишнина од своето постоење.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира