АРСОВСКА ГИ БРКА ОД КЕЈ ПРОДАВАЧИТЕ НА СТАРИ КНИГИ ОТИ НЕМАЛЕ ДОГОВОРИ, ВЕЛИ МЕДИУМИТЕ ДА НЕ ШИРАТ ДЕЗИНФОРМАЦИИ

    АРСОВСКА ГИ БРКА ОД КЕЈ ПРОДАВАЧИТЕ НА СТАРИ КНИГИ ОТИ НЕМАЛЕ ДОГОВОРИ, ВЕЛИ МЕДИУМИТЕ ДА НЕ ШИРАТ ДЕЗИНФОРМАЦИИПродавачите велат дека не им биле понудени договори од градоначалничката Арсовска, туку само решение за иселување. (Фото: К. Попов)

    Продавачите на стари книги на Кејот 13 Ноември во центарот на Скопје мора да ги напуштат тезгите на кои продаваат со години. Градоначалничката Данела Арсовска дала налог продавачите да се иселат до 21 април, бидејќи немале договори. Продавачите велат дека не им биле понудени договори од Арсовска, туку само решение за иселување и дека за време на пандемијата како дел од мерките за помош биле ослободени од претходното градско раководство од плаќање надоместок.

    Од кабинетот на Арсовска, од каде медиумите ретко добиваат одговори на прашања, денеска велат новинарите да не шират дезинформации, сите постапки кои Градот Скопје ги спроведува мора да бидат според законот и во целосно транспарентна постапка, „за да се создаваат позитивни политики за доброто на граѓаните“.

    Од  таму кажаа дека ексградоначалникот Петре Шилегов ги оставил корисниците на куќарките четири години да ги користат противправно, без постоење правен основ за нивно користење, и за да ја разрешат ситуацијата ќе распишат јавен оглас.

    „Ваквата состојба најмалку одговара на корисниците на овие привремени објекти и поради тоа градот Скопје, во транспарентна и законска постапка со објава на јавен оглас, ќе ја разреши ситуацијата. Овие корисници за првпат се пријавиле на јавен оглас во 2011 година со договор од времетраење од една година, што се продолжувал со анекс секоја наредна година. Оваа пракса прекинала на 31.01.2018 година и овие граѓани целосно се ставиле во милост и немилост. Свесно биле оставени без дозвола и договор да ги користат куќарките, оставајќи можност на претходното раководство да се отстранат кога ќе посакаат. Дотолку што, постојната состојба е спротивна на прописите, ја ограничува конкурентноста и го оштетува буџетот на Градот и граѓаните“, велат од Град Скопје.

    Во следниот период ќе се објави јавен повик каде овие лица и сите останати заинтересирани ќе можат да се пријават за користење на јавни површини, односно користење на куќарките.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира