Новите филмови на Дејвид Кроненберг, Али Абаси, Клер Денис, Парк Чан-вок, Кристијан Мунџиу, Кели Рајхард, се меѓу кандидатите за престижната Златна палма на годинешниот Кански филски фестивал, чија селекција денеска ја открија претседателот Пјер Лескур и уметничкиот директор Тиери Фремо. Годинешното 75-то издание на фестивалот ќе се одржи од 17 до 28 мај. Тија ги претставија филмовите во главната конкуренција и во програмата Извесен поглед, и вон конкуренција.
„Зед“ од францускиот режисер Мишел Хазанавициус, авторот на оскаровецот „Уметникот“, ќе го отвори годинешниот фестивал на 17 мај.
Јапонскиот добитник на Златна палма за 2018, Хироказу Коре-еда, (победи со „Крадци“) се враќа во Кан со „Брокер“, филм на корејски јазик во играат корејски ѕвезди од А-листата. Рубен Остлунд, кој освои Златна палма за „Плоштад“, сега доаѓа со најновата општестевна сатира „Триаголник на тагата“. Во конкуренција се враќаат и двократните добитници на Златната палма, Жан-Пјер и Лик Дараден („Розета“, „Детето“) со „Тори и Локита“. Белгискиот автор Лукас Донт, кој се проби со трансродовата драма „Девојка“ во 2018, ќе дебитира во канската селекција со „Блиску“. Во конкуренцијата се и новите филмови на Марио Матроне, Валерија Бруни-Тедески и Кирил Серебреников.
Вон конкуренција ќе играат „Три илјади години копнеж“ од режисерот на „Лудиот Макс“ Џорџ Милер, со Идрис Елба и Тилда Свинтон, светска премиера ќе има и „Елвис“ на Баз Лурман, со Остин Батлер како кралот на рокенролот, Оливија ДеЈонге како Присила Присли и Том Хенкс како музичкиот менаџер, полковникот Том Паркер.
Специјална проекција ќе има и „Природонаучна историја на уништувањето“ на украинскиот режисер Сергеј Лозница, документирање на воените разорувања во земјата.