ВО ДРАЧЕВО ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ КРСТ ОД 63 МЕТРИ, ФИНАНСИРАН Е ОД СВЕТСКИOT МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС НА ТОДОР ПЕТРОВ И ДВЕ ГРАДЕЖНИ ФИРМИ

    ВО ДРАЧЕВО ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ КРСТ ОД 63 МЕТРИ, ФИНАНСИРАН Е ОД СВЕТСКИOT МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС НА ТОДОР ПЕТРОВ И ДВЕ ГРАДЕЖНИ ФИРМИИдејата за поставување на крстот е од граѓаните, кои побарале помош за реализација од Светскиот македонски конгрес, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. (Фото: Општина Кисела Вода)

    Во населбата Драчево, во скопската општина Кисела Вода, вчера почна изградбата на крст висок 63,5 метри. Крстот ќе биде втор по големина во Скопје, по оној на Водно. Подножјето ќе биде уредено со содржини кои ја карактеризираат Македонската православна црква (МПЦ), а од врвот ќе има поглед на градот.

    Идејата за поставување на крстот, како што вели градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, е од граѓаните, кои побарале помош за реализација од Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров.

    „Одлуката помина на Советот на Општината и беше изгласана едногласно од сите советници. Општината нема да ја чини поставувањето на крстот ниту еден денар. Тој е донација на Светскиот македонски конгрес и фирмите ‘Факом’ и ‘Дабар’ кои се ктитори. Сигурен сум дека оваа локација ќе им биде омилена на нашите жители, дека ќе биде атрактивна дестинација за туристите, и секако, ќе биде значајно одбележје на Драчево, но и на цела Кисела Вода“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.

    Крстот треба да биде готов за три и пол месеци. На нашето прашање дали можеби и овој верски објект ќе заврши како другите верски објекти кои стојат недоизградени (црквата „Свети Константин и Елена“ на улица Македонија, црквата „Христос спасител“ кај „Сити мол“), Ѓорѓиевски вели дека тоа нема да се случи, бидејќи тој лично ќе се заложи летово крстот да биде отворен.

    На осветувањето на камен-темелникот на крстот покрај ктиторите, градоначалникот Ѓорѓиевски, претставници од партијата ВМРО-ДПМНЕ, присуствуваше и архиепископот на МПЦ-ОА Г. Г. Стефан.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира